Почнува 6. „Анимакс Скопје фест“

Педесетина анимирани филмови од 28 држави од светот ќе бидат прикажани на шестото издание на Меѓународниот фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје Фест“, кој од денеска до 4 декември ќе се одржува во Кинотека на Македонија.

Под мотото „За нагоре“, публиката ќе може да погледне 43 филмови за возрасни, кои ќе се борат за наградите Златна, Сребрена и Бронзена тула и 11 филмови за деца. Осум филмови се од професионалци направени за деца, а останатите се детски, направени од деца за деца. 

Од вкупно пријавени 1.527 филмови од 85 држави од светот, Ева Камчевска, Диме Ратајковски и главниот селектор Благоја Куновски-Доре ги избрале 43 куси филмови во официјалната конкуренција за награда и 11 филмови за детската програма. 

И оваа година акцент е ставен на детската програма. Предвидени се две работилници посветени за децата. Првата е стрип работилница, која ќе се одржи денеска, од 17.30 до 19 часот со менторите Здравко Гиров и Давор Драмиќанин. Аниматорката од Полска Дарија Копиец ќе одржи тридневна работилница за деца. Таа како техника ќе ја употреби стоп анимацијата, а ќе работи со пластелин. В петок, во 18 часот ќе има уште една работилница „Слатка материја“ со Николас Бролт, аниматор од Канада, кој прави фигури со леење шеќер. Тој е добитник на специјалната награда Гран при што ја доделува Град Скопје за најдобар анимиран филм во рамки на фестивалот. 

На последниот дел од фестивалот ќе бидат доделени наградите Златна, Сребрена и Бронзена тула, а за нив ќе одлучува меѓународна жири-комисија составено од Дарија Копиец, Масимилиано Нардули од Рим, програмски директор и селектор на неколку европски филмски фестивали и Жарко Иванов, аниматор од Македонија. Ќе биде доделена и наградата Златна тула за најдобар детски анимиран филм, а за победникот ќе гласаат децата во четири фестивалски дена. 

Македонски претставник во официјалната програма е анимираниот филм „Акт“ на Ацо Станковски. 

В сабота, во арт-кафето „Концепт 37“ ќе биде промовиран и зборникот „Опсесија. Перверзија. Бунтовност. Изопачени соништа на централно-европската анимација“ од Михал Бобровски од Полска. 

Фестивалот е поддржан од Агенцијата за филм, Град Скопје и Кинотека на Македонија.