Почнува 40. „Скопско лето“

Јубилејното 40. „Скопско лето“ официјално ќе биде отворено вечер со гала оперски концерт на Националната опера и балет по диригентство на Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ на плоштадот „Мајка Тереза“ со почеток во 21:30 часот.

Како солисти ќе настапат Весна Гиновска Илкова, Владимир Саздовски, Ѓорѓи Цуцковски, Наде Талевска – Спасовска, Маријан Николовски, Сандра Митровска, Зоран Сотиров, Павлина Новакова, Ристе Велков, Марика Поповиќ, Ирена Кавкалеска, Ана Ројдева, Александра Лазаревска и Катерина Стојановска. Ќе настапи оркестарот и хорот на Националната опера и балет.

„Скопско лето 2019“ ќе се одржува од 19 јуни до 31 јули на повеќе локации. Организатор на „Скопско лето“ е Дирекцијата за култура и уметност-Скопје, а и оваа година фестивалот е поддржан од  Град Скопје и Министерството за култура.

Директорот на Дирекцијата за култура и уметност – Скопје Никола Глигоров пред неколку дена на прес-конференција информира дека публиката на меѓународната манифестација „Скопско лето 2019“ најмногу ќе може да проследи концерти, како и ликовни изложби, претстави, мултимедијални проекти, ќе има филмска програма, традиционалното кафе кино, ќе има програма и за најмладите…

– На 21 јуни, како што веќе е традиција, отворањето на „Скопското лето“ го посветуваме на музика, на Светскиот ден на музиката истовремено одбележувајќи го и првиот ден на летото. Отворањето ќе биде со гала концерт на Националната опера и балет, рече Глигоров. Додаде дека во изминатите години повеќе од 20-тина држави, уметници и автори од целиот свет биле учесници на „Скопско лето“.

Во рамки на „Скопско лето“ публиката утре ќе може да го проследи концертот на ромскиот фолклорен ансамбл „Рајко“ на плоштадот „Карпошово востание“. Се работи за уметници кои со музика се занимаваат од рана возраст и имаат репертоар што опфаќа најразличен вид музика. На 14 јули во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје концерт ќе има машкиот камерен хор „Св. Ефраим“, кој е христијански хор. Предвидена е и презентација на два унгарски филма.

Затворањето на годинашново „Скопско лето“ ќе биде на 31 јули на плоштадот „Карпошово востание“ со концерт на Ансамблот „Танец“, кој одбележува 70 години од своето постоење. Концертот е насловен „70 лета“.

– Иако „Скопско лето“ е во своите зрели години, останува свежо во духот, секогаш отворено за истражување и борбено, нагласи Глигоров, кој изрази благодарност до Град Скопје и Министерството за култура.

Организаторите апелираат да се следат социјалните мрежи, каде дополнително ќе бидат објавувани информации за сите настани и известувања доколку дојде до промена на локациите. Се подготвува и брошура во која ќе има текстови од учесници на „Скопско лето“, збогатена со фотографии.