Со српскиот филм „Дневникот на машиновозачот“ во режија на Милош Радовиќ вечер во кино „Милениум“ ќе биде отворен 15. Фестивал на европски филм „Синедејс“ (CineDays). Филмот е добитник на награда од публика на фестивалот во Москва, а на скопската проекција ќе гостува дел од екипата меѓу кои и главниот актер Лазар Ристовски.

Осум филмови во официјалната програма и шест во селекцијата балкански филмови (СинеБалкан), како и 25 во гала-програмата ќе бидат прикажани на годинашниот „Синедејс“ кој ќе се одржува во кината „Милениум“, „Фросина“ и во Џебното кино на Младинскиот културен центар до 19 ноември кога ќе биде затворен со хравтскиот филм „Устав на Република Хрватска“ на Рајко Грлиќ, во кој копродукциски учествува и Македонија.

Меѓу филмовите во официјалната селекција ќе се натпреварува и германскиот филм „Тони Ердман“ кој е номиниран за европскиот оскар, а во програмата СинеБалкан меѓу другите е и „Добра жена“ – дебитантски филм во режија на актерката Мирјана Карановиќ.

Во гала-програмата, за која има најголем интерес на „Синедејс“, и оваа година се филмови од звучни режисерски имиња, наградувани на најголемите фестивали. Меѓу нив се насловите: „Сол и оган“ на Херцог, „Патерсон“ на Џармуш, „Аве, Цезар“ на браќата Коен, „Комуна“ на  Винтерберг, „Убавите денови во Аранхуез“ на Вим Вендерс, „Кафе-друштво“ на Вуди Ален, „Хулиета“ на Алмодовар, „Таа“ на Пол Верховен, „Аргентина“ на Карлос Саура, „Рај“ на Кончаловски…

На „Синедејс“ ќе има и програма „МК во ЕУ“ која ќе има три филма со копродукциско учество на Македонија – романскиот „Сиера Невада“ на Кристи Пуиу, словенечкиот „Ноќен живот“ на Дамјан Козоле и хрватскиот „Устав на Република Хрватска“, како и црногорскиот „Игла под прагот“ (од програмата СинеБалкан) во кој игра Никола Ристановски, а музиката е на Тони Китановски.

Селектор на натпреварувачките програми (Официјалната и СинеБалкан) е Бернд Будер, а за наградите ќе одлучуваат две жирија – Чедомир Колар, Зринко Огреста и Игор Иванов – за осумте филмови од Официјалната програма и Если Ердем, Нина Раковец и Дамир Чучиќ – за шесте филмови од СинеБалкан.

Ќе има и програма на кратки филмови, студентска програма, детска програма со синхронизирани филмови, програма за 101 година од раѓањето на Орсон Велс, како и богата придружна програма во која се неколку работилници – за стоп-анимација, драматургија, продукциски дизајн…

Петнаесеттиот  „Синедејс“ ќе има и богата музичка програма со десетина музички документарци,  меѓу кои биографскиот филм за џез-музичарот Мајлс Дејвис во режија на Дон Чидл, потоа  „The Beatles: Eight Days A Week“ на режисерот Рон Хауард и „Gimme Danger“ (филм за Иги Поп) на Џим Џармуш, премиера на „Лимуново дрво“ – документарец на Бранко Радаковиќ за првиот бенд на Милан Младеновиќ од „ЕКВ“, филм за Дејвид Брн…

Како дел од програмата CinEmusic, секоја вечер по завршувањето на филмските проекции ќе биде организирана и придружна музичка програма од концерти и диџеј-сетови. За затворање на фестивалот ексклузивен настап ќе има музичкото дуо „Вуден виздом“ (Wooden Wisdom) во кое членува и холивудската ѕвезда Елјаџа Вуд.

И годинава на „Синедејс“ ќе има конкурс за филмска критика за филмовите на фестивалот, на кој може да учествуваат лица до 35 години. Наградите за трите најдобри филмски критики ќе ги додели тричлено жири. Тие се парични и во износ од 12.000,  9.000 и од 6.000 денари.

Влезниците за проекциите во „Милениум“ ќе бидат по цена од 150 денари, со исклучок на филмот „Кафе-друштво“,на Вуди Ален  за кој билетот ќе чини 300 денари. За проекциите во кино „Фросина“ билетот ќе биде 100 денари, а филомовите од програмата во Џебно кино, за Ревијата Орсон Велс, ЛГБТ и Детската програма ќе бидат бесплатни. Средношколците и студентите и оваа година на „Синедејс“ ќе имаат попуст од 50 денари за секој купен билет.