Почнува 13. Фестивал на новиот германски филм

Со наградуваниот германски игран филм „Чик“ на познатиот режисер Фатих Акин, вечер во кино „Милениум“ ќе биде отворен 13. Фестивал на новиот германски филм на кој ќе бидат прикажани десет современи филмски наслови од германската кинематографија.

По вечерашното отворање, на кое ќе се обрати амбасадорот на Германија во Македонија Томас Герберих, фестивалот од утре, 5 октомври, до завршувањето на 9 октомври ќе се одржува во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар.

На фестивалската програма се: комично-сатиричниот „Тој е повторно тука“ во режија на Давид Внент, драмата „Поздрави од Фукушима“ во режија на Дорис Дери, научно-фантастичниот мистичен трилер „Ние сме плимата“ во режија на Себастиан Хилгер, трагикомедијата „Тони Ердман“ во режија на Марен Аде, филмот за деца „Авантурата на Нели“ во режија на Доминик Весели, филмот за деца и младинци „На иста висина“ во режија на Јоахим Долхопф и Ефи Голдбрунер, драмата „Време на канибалите“ во режија на Јоханес Набер, драмата „Херберт“ во режија на Томас Штубер и драмата „24 недели“ во режија на Ане Зохра Берахед.

- И годинава фестивалот носи филмови кои без исклучок отвораат современи општествени размислувања и теми, кои ќе не нурнат во длабочини, кои ќе не натераат барем за момент да се подзамислиме, да продискутираме и, конечно, да се погледнеме во огледало и да направиме чесен индивидуеален опит - соопшти организаторот на фестивалот.

Покрај во Скопје, оваа година филмовите од фестивалот ќе може да ги погледне и публиката од Битола, Прилеп, Охрид, Велес, Тетово, Кавадарци, Штип и Струмица.

Во Центарот за култура во Охрид фестивалот ќе почне на 7 октомври и ќе трае до 10 октомври. Во Центарот за култура во Прилеп филмовите ќе се прикажуваат од 12-ти до 14 октомври, во Центарот за култура во Битола од 12-ти до 15 октомври. На универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип од 23-ти до 27 октомври, во Центарот за култура во Кавадарци од 24-ти до 27 октомври, во „Лоја“ во Тетово од 25-ти до 27 октомври, во Центарот за култура во Струмица од 1-ви до 3 ноември и во театарот во Велес од 3-ти до 5 ноември.