Почна санацијата на надворешната бетонска површина на мостот Гоце Делчев (фото)

Градот Скопје денеска ги почна градежните работи за санација на надворешната бетонска површина на мостот „Гоце Делчев“. На почетокот на градежните работи присуствуваше градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

- Денеска ја почнуваме санацијата на надворешната бетонска површина на мостот „Гоце Делчев“. Во текот на градежните работи ќе се отстрани оштетениот бетонски слој на местата каде што има потреба, ќе се нанесе антикорозивна заштита на арматурата и ќе се изврши санација и заштита на површината. Градежните работи ќе траат 150 работни дена или околу 7 месеци. На санација на надворешната страна на мостот „Гоце Делчев“ ќе работат градежниците на компанијата „Синтек инженеринг ДООЕЛ Скопје“, а Градот Скопје за овој зафат ќе одвои околу 11 милиони денари – рече денеска градоначалникот Трајановски.

Трајановски додаде дека проектот за санација на надворешната бетонска површина на мостот „Гоце Делчев“ е врз основа на изработената експертиза од меѓународната компанија „Фресине“, во која се препорачува да се санира надворешната површина на мостот која е оштетена од атмосферски влијанија.

- Фирмата „Фресине“, која е лидер во изработката на мостовски конструкции, во 2001 година изврши санација на конструктивните елементи на мостот „Гоце Делчев“, но при тој градежен зафат не беше санирана надворешната површина на овој мост – рече градоначалникот Трајановски.

Во текот на градежните работи сообраќајот на мостот ќе се одвива без прекини и ограничувања.