Почна ли да се гради хелиодромот пред ГОБ „8 Септември“?

Деновиве интензивно се работи на местото каде што претходно се најавуваше изградба на хелиодром. 

На само неколку метри од главниот влез на Градската општа болница „8 Септември“, а пред приватната клиничка болница „Жан Митрев“, механизација од градежна фирма веќе неколку дена го расчистува местото и го подготвува за градба. Иако нема официјална информација за што се работи претходно беше најавено дека токму тука градот ќе добие современ хелиодром. 

Пред неколку месеци медиумите објавија дека директорот на ГОБ „8 Септември“, Христијан Костов, е во интензивни преговори и за набавка на целосно опремен хелихоптер за потребите на болницата со кој за највеќе 30 минути ќе може да се транспортира пациент од  кој било крај на земјата.

„За само половина час може да биде транспортиран пациент до нашата установа од кој било крај на земјата, а за тој период ќе му биде пружена соодветната помош и интервенција доколку тоа е неопходно“, изјави тогаш Костов.

Според најавите, Градската општа болница „8 Септември“ ќе биде првата државна медицинска установа со сопствен медикоптер и хелиодром. До сега хелиодром поседуваше само Клиничкиот центар, но без сопствен хелихоптер за транспорт на пациенти.