Почна изградбата на првата вакуум пречистителна станица во Македонија

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски, денес беше во работна посета на Јурумлери каде соопшти дека во моментов се почнува со изградба на првата вакуум пречистителна станица во ова населено место, која патем е и прва од овој тип во општината но, и во Република Македонија.

„Со изградбата на оваа станица ќе се реши фекалната одводна канализација во ова рурално место. Ризикот кој постои во моментов во Јурумлери се подземните води и во оваа област постојат премногу септички јами кои се голем еколошки проблем и со изградба на нова фекална вакуумска мрежа овие ризици целосно ќе се елиминираат. Со изградбата на пречистителната станица со мониторинг и команден пулт, вакуум пумпи и примарна фекална мрежа во должина од 4 км, ќе се подобри квалитетот на животот на жителите од Јурумлери“, рече Георгиевски.

По завршувањето на првата фаза од изградбата, ќе започне втората фаза која е приклучување на секое домаќинство од Јурумлери.