Почна голема акција за зазеленување на Скопје: Ќе се засадат 600 јавори, костени, даб и липи

Град Скопје почнува голема акција за зазеленување на градот. Во наредните две недели на однапред утврдени локации плански ќе се засадат 600 висококултивизирани садници на автохтони видови – јавори, костени, даб и липи.

Акцијата стартуваше од населба аеродром каде на булевар “3-та Македонска бригада” каде што денеска се засадуваат 45 садници.

– Наредните денови ќе продолжиме на улица “Мите Богоевски” во Лисиче, на раскрсницата меѓу булевар “Србија” и “Видое Смилевски Бато” и паркот на булевар “АСНОМ” во Ново Лисиче, како приоритет за зголемената загаденост на овој дел на Скопје – рече градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Предвидено е акцијата да продолжи во Карпош, Кисела Вода, Центар, Гази Баба и Чаир.

– Ова е само првиот бран на зазеленување на Скопје. Напролет продолжуваме со садење на 4.000 садници на точно утврдени микролокации каде во изминатиот период беа сечени или воопшто не се засадени дрва – истакна Шилегов.

Утрово во паркот кај поликлиника Чаир каде пред три недели беа исечени две тополи, денеска се садат неколку повеќегодишни дрва.

– Посветени сме на подобрувањето на животната средина и на намалувањето на загадувањето. Приоритет е надоместување на изгубеното зеленило, дополнително зголемување на парковите и дрворедите и нивна заштита во сите општини во градот – рече Шилегов.