Починатиот пациент од Куманово на Инфективната клиника во Скопје бил позитивен на Ковид-19

Министерството за здравство информира дека пациентот од Куманово кој почина на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје бил заболен од коронавирус.

За овој пациент, Министерството за здравство информираше денеска во редовното соопштение за дневната состојба со ново дијагностицирани, починати и оздравени пациенти, со напомена дека за него се чекаат резултатите од тестирањето на Ковид-19. Неговиот резултат позитивен на Ковид-19 пристигна попладнево, а овој случај на позитивен и починат пациент, во статистиката на ИЈЗ ќе биде евидентиран во утрешниот извештај.

Пациентот беше донесен на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје со тешко дишење и ниска сатурација, а од коморбидитети имал хипертензија и срцева слабост.