Побрзајте: Пријавувањето за учество на Виз ер Скопски маратон завршува на 22 април

Виз ер Скопски маратон најави едно ново повисоко ниво на манифестацијата, подготвувајќи се да го одбележи својот 15-годишен јубилеј.

Еден од најпопуларните спортски настани во Македонија, кој за првпат ќе се одржи во сабота, на 4 мај, добива уште поголема поддршка од Делегацијата на Европска Унија, која ќе биде покровител на штафетниот маратон.

„Ова е нашиот 15-годишен јубилеј и секоја година се трудиме да внесуваме новости. Сакаме константно да се надградуваме. Оваа година, благодарение на поддршката од Делегацијата на Европска Унија, се организираат и бесплатни групни тренинзи, кои почнаа на 28 март. Унијата е и покровител на ‘Штафетниот маратон – ЕУ за спорт’, кој оваа година има прекрасни нови медали. Честиот развој ни дозволува да останеме релевантни во регионот и пошироко и затоа и се пријавуваат толку многу учесници од други држави“, рече Кире Синадиновски, директор на Виз Ер Скопски маратон.

Тој додаде дека патеката е измерена од претставници на Меѓународната атлетска федерација и на Светската асоцијација на маратонски трки, со што Скопски маратон го обнови сертификатот за точност на патеката.

Виз ер Скопски маратон и оваа година ќе ги содржи трката на пет километри, полумаратонот, маратонот и штафетниот маратон. Пријавувањето за учество завршува на 22 април, а стартните пакети ќе можат да се подигнат на 2 и 3 мај во просториите на „Парк хотел и спа“.

Минатата година, околу 10.000 учесници од 51 држава настапија на Скопски маратон.