За навечер да не се превртувате во кревет и да гледате во ѕид затоа што не можете да заспиете, обидете се кога ќе легнете да направите неколку вежби кои ќе ве опуштат .

Пред тоа, пожелно е да се истуширате со малку потопла вода и да се напиете чај од нане.

Секако доколку несоницата ви претставува хроничен проблем, тогаш треба да се обратите на доктор.

Долготрајните несоници носат голем ризик за развој на сериозни нарушувувања на здравјето. Прв во низата е притисокот, кој е ризичен затоа што е неконтролиран. Клиничката пракса покажала дека тој се случува токму навечер и дека пациентот обично не ги чувствува симптомите поради исцрпеност. Друга последица од несоницата е забрзаното срцебиење до кое доаѓа поради зголемена концентрација на хормоните. Нивната зголемена количина во крвта се јавува во време кога организмот навечер е буден наместо да се одмара. Долгорочниот дисбаланс на хормоните  ги нарушува вредностите на централниот хормон инсулин, а тоа може да води кон дијабетес.

За добар сон е важна и рутината на спиењето, а тоа значи дека секоја вечер треба да си легнувате во исто време, да се будите во исто време и да не спиете попладне.

Обидете се да примените неколку од предложените вежби кои помагаат лесно да потонете во сон.

Привлекување на колената кон градите

Легнете на грб, свиткајте ги колената, длабокото вдишете и со дланките привлечете ги колената кон градите. Додека ги привлекувате, ослободете се од воздухот со бавно издишување. Повторете ја вежбата неколку пати, затоа што така ќе ја ублажите напнатоста во грбот.

Стегање и опуштање

Додека лежите во кревет стегнете ги двете дланки со сета сила и држете така колку што можете повеќе. Потоа, силно стегајте и опуштајте ги мускулите на нозете. Вежбите изведувајте ги 5 минути. Тие помагаат да се уморите и побрзо да заспиете.

Протегнување и зевање

Додека лежете на грб, вдишете и истегнете ги двете раце над главата. Додека издишувате, спуштете ги рацете покрај телото  и масирајте се од градите кон стомакот. Повторете онолку пати колку ви годи, а потоа обидете се да зевате како да сте поспани. Организмот со зевањето се опушта и подготвува за сон.

Удобна положба

Легнете на десна страна, десната рака свиткајте ја во лактот, а дланката ставете ја пред лицето. Лактот од левата рака потпрете го на колкот, а раката спуштете ја пред стомакот. Десната нога е испружена, а левото колено свиткано пред десниот бут. Опуштете се и рамномерно дишете.

Масажа

За побрзо и полесно да заспиете, помага и опуштена самомасажа. Во рок од една минута со кружни движења масирајте го пределот околу слепоочниците. Прејдете на блага масажа на кожата околу ноздрвите лево и десно, кон обраите. Продолжете ја масажата низ целата должина на носот, а завршете со бавни движења масирајќи ја ресичката од десното уво.