Побарав од децата да напишат што ги мачи, што ги растажува...

Годинава ја започнувам својата 22. година како учителка во основно училиште. Вчера беше ден кој беше еден од највлијателните денови врз мене и мојата професија.

Решив да започнам една нова активност која се нарекува „Активност на товарот“. Ги прашав децата што значи да се има некаков товар и најголемиот дел од нив рекоа дека тоа се штетни работи кои тежат на рамената.

Потоа ги замолив да извадат еден лист хартија и да напишат што ги мачи, поттиснува, што е тоа што ги боли. Исто така им напоменав да не ги потпишуваат листовите и дека одговорите можат да бидат анонимни. Потоа, секој од нив го свитка листот и го фрли во некој дел од училницата.

Потоа секое дете земаше еден лист и наизменично читаа што напишале нивните другари и другарки од одделението. Откако еден лист ќе беше прочитан, прашував дали личноста која го напишала тоа би сакала да се јави за збор.

Ви кажувам најискрено, ништо никогаш толку не ме потресло како работите што децата ги споделија на тој час. Работи како самоубиство, родители во затвор, дрога во семејството, родители кои ги напуштиле, смрт, рак, загуба на домашни миленичиња (едно дете кажа дека хрчакот му умрел затоа што бил дебел, па сите се насмеавме), итн.

Децата кои читаа плачеа затоа што им беше тешко. Оној кој го имаше напишано тоа што беше прочитано (барем оние кои одлучија да кажат дека тоа е нивен текст) исто така понекогаш плачеа. Тоа беше ден кој емотивно нѐ истошти сите, но верувам дека на тој начин моите деца помалку ќе осудуваат, повеќе ќе сакаат и побрзо ќе простуваат.

Има една торбичка која стои до вратата од училницата за да ги потсетува дека сите носиме некаков товар. Ги оставија напишаните работи покрај вратата. Кога си заминуваа, им кажав дека не се сами, дека се сакани и дека меѓусебно се поддржуваме.

Чест ми е што сум нивна учителка.

Фејсбук статус на американската учителка Карен Вундерлих, која стана вирална сензација и чиј статус беше споделуван од илјадници луѓе ширум светот.