По улицата Македонија се движат автомобили како да е сообраќајница - пешачкиот дел е узурпиран од тераси на летни кафулиња

Улица „Македонија“,  наместо простор наменет за пешаците стана паркинг. Тука непречено се движат и автомобили. Освен што им пречат на граѓаните во текот на прошетката, возачите паркираат без дозвола низ целата улицата. 

-Овде и покрај Кеј е голем проблем, покрај Кеј не може да се помине. Јас возам велосипед кога е убаво времето, но има многу автомобили паркирани покрај рестораните – вели еден граѓанин.

Дали Општина Центар и Град Скопје некогаш ќе го решат овој хаос, кој од ден на ден станува се поголем. 

Пешаците и велосипедистите не можат да поминат оти пешачкиот дел е узурпиран од тераси на летни кафулиња, а на оној слободен простор каде што нема тераси стојат испаркирани коли.

Од Општина Центар велат дека право на движење низ имаат само автомобили кои имаат дозвола за снабдување на дуќаните. Велат дека постојано ги санкционираат возачите кои ги паркираат своите автомобили и дека ќе преземат построги мерки.

Најниската казна е 2500 денари ако возилото го крене пајак служба и 6000 денари ако сте паркирани на зелена површина. Возилата кои имаат дозвола имаат право да паркираат на улица „Македонија“ само во времетраење од 15 минути.