По повод одбележување 25 години од формирањето на АРМ се спроведе крводарителска акција

Припадници на Армијата на Република Македонија доброволно даруваа крв во рамки на акцијата, што денеска ја спроведува АРМ во соработка со Црвениот крст на Република Македонија и Институтот за трансфузиска медицина на РМ.

Акцијата се одржа во Домот на АРМ и е дел од планираните активности за одбележување на 25 години од формирањето на Армијата на Република Македонија.

На акцијата присуствуваа министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, началникот на генералштабот на АРМ, генерал потполковник Методија Величковски, генералниот секретар на Црвениот крст на Република Македонија, Саит Саити и директорот на Институтот за трансфузиона медицина на Република Македонија, Емилија Велкова. 

Во рамки на акцијата им беа врачени благодарници и признанија на припадници на АРМ кои се доброволни дарители на крв повеќе од 25 и 50 пати. Крводарители со над 25 дарувања крв се: постар водник прва класа Марјан Христов, постар водник Горанчо Димитров, професионален војник Слаѓан Крстевски, професионален војник Зоран Величковски и цивилно лице Надица Мирчевска. 

Крводарител со над 50 пати дарување крв е полковник Борко Симоски. Tој 64 пати дарувал крв.

Симоски истакна дека вистинската хуманост е онаа хуманост која излегува од длабочината на срцето на секој човек. Посочи дека капката подадена крв за секој човек без оглед на пол, раса, религија, боја претставува уште поголема вредност и дава епитет на хуманоста дека е совршена хуманост.