По кој закон е издадена двојазичната поштенска марка

Иако Законот за употреба на јазиците, не е стапен на сила, Македонски пошти издадоа двојазична поштенска марка со ликот на Ѓерѓ Кастриот Скендер бег.

Директорот на Пошти Фадис Реџепи не сакаше да коментира според кој Закон е издадена двојазична поштенска марка во – шест илјади примероци, со номинална вредност од 18 денари.

На двојазичната поштенска марка пишува дека е издадена по повод 550 години од смртта на познатиот средновековен војсководец.

Законот за употреба на јазиците предвидува двојазичност и на поштенските марки, но се уште не е влезен во употреба. Вчера претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов соопшти дека не го потпишал указот за Законот за јазиците, затоа што e, како што рече, неуставен. Поштенската марка е објавена на сајтот на Македонски пошти каде што стои дека е издадена со номинална вредност од 18 денари и тираж од 6000 примероци. Ликовното решение е на Лариса Живковска Донев.