„По чашка-две пред излегување“ - малолетници на 11 години пијат за да се расположат

-Пред да излеземе во град за викенд често пати се случува да си купиме алкохол од локалните продавнички низ маалото.Се собираме друштво од нашиот клас машки и женски, најчесто си седнуваме во паркчињата низ наслеба прво пиеме па одиме на забава, раскажува осмооделенецот Петар.

Од Клиниката за токсикологија во Скопје често алармираат дека кај нив завршуваат деца, помали од 14 години. Имало случаеви кога третирале и деца од единаесет годишна возраст кои биле под дејство на алкохол, згрижувани кај нив поради брзата интервенција потребна за спасување на младиот живот.

Покрај забраната за точење алкохол на малолетници, активна е и забраната за нивно присуство во локали по полноќ, но ниту таа не се почитува во голем број на кафулиња, каде дури и не може да се види гостин постар од 18 години.Старосната граница на младите што консумираат алкохол изминативе години се спушти на 11 -12 години, при што полека се губи и половата разлика меѓу младите што пијат.

-Една од нашите другрки која има 11 години еднаш многу се напи, едвај ја однесовме до дома, нејзините родители кога отворија врата беа зачудени и вознемирени бидејќи девојчето не можеше да стои на нозе, раскажува Петар.

Тинејџерите се поранливи од ефектите на алкохолот, бидејќи имаат послаба самоконтрола, немаат доволно искуство да ги спознаат своите граници, и консумирањето алкохол во големи количини во нивни години почесто води до алкохолна интоксикација. Последиците кај нив се секогаш поголеми, бидејќи во тој период телото сеуште им се развива.

-Има кафани низ градот каде можеме да си нарачаме коњак, вотка до сега никој не не прашал колку години имаме, вели Петар.

Казните од околу 4.000 евра, казни за забрана за работа во период од еден месец, и целосна забрана за работа за повторување на делото, очигледно не можат да заплашат добар дел од угостителите, кои упорно се правдаат дека не може од око да ја проценат возраста на тинејџерите.