По 24 години скопската Зоо ќе добие два слона, новото живеалиште се гради

Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски и директорот за ЈУ „Зоолошка градина“ Јорданчо Милошевски вчера извршија на увид во градежните работи во Зоолошката градина, каде во моментов се гради ново живеалиште за слон.

– Новото живеалиште за слон ќе се изгради на парцела со површина од 3.200 метри квадратни, а во него ќе се изгради и објект со површина од 400 метри квадратни. За изградбата на новото живеалиште, што треба да биде готово есенва, Град Скопје издвои 26 милиони денари. По завршувањето на изградбата на живеалиштето, до крајот на оваа година треба да пристигнат два слона, со што по долги 24 години во скопската Зоолошката градина повторно ќе има слон во збирката животни, изјави градоначалникот Трајановски.