По 1 септември следуваат нови нарачки: Колку тежи семејниот буџет за еден ученик?

Нов ранец, тетратки, вежбанки, моливи и пенкала, дрвени, водени боички, темперни, блокчиња, гума, острилка, се набавуваат и пред првиот школски ден. По 1 септември следуваат и нови нарачки, комплети за техничко образование кои чинат над 400 денари, уплатници за осигурување на учениците, што најчесто чини 100 денари, надомест за обезбедување на училиштата во висина од 500 денари. 

Еден ученик во првиот училиштен месец своето семејство го чини околу 6.000 денари. Половина од таа сума е потребна за да се набават основните ситници за во училиште за едно дете, скромно да се поднови облеката и да се намират првичните трошоци во училиштето. Растргнати меѓу желбите на своите деца и ограничените финансиски можности, родителите често посегнуваат по резервите скриени за менаџирање на вакви состојби. 

Дел од децата плаќаат и за ужинките, а сумите се различни од 350 денари, па нагоре. Оние пак кои посетуваат целодневна настава или дневен престој месечно треба да одвојуваат сума над 2.000 денари. Ако во семејството има две, три или повеќе деца, сметката само за септември ќе надмине 10.000 денари.

Децата пари собираат и за бели листови за копирање, за тоалетна хартија, за сапун... Во многу училишта родителите ги плаќаат и униформите. Најмалку 1.200 денари чини комплет од маичка, блузон и панталони, а ако родителите сакаат да набават уште еден комплет, сумата се дуплира.