Платите на лекарите специјалисти до крајот на годината да изнесуваат 68.000 до 70.000 денари

Платите на лекарите специјалисти до крајот на годината, заедно со дежурствата, да изнесуваат 68.000 до 70.000 денари ќе биде крајната цел на преговорите што ќе ги почне Министерството за здравство со Синдикатот за здравство, доколку се обезбедат ресурси, најави премиерот Зоран Заев, одговарајќи на пратенички прашања во Собранието. 

- Конечната цел ќе биде ако досега платата на специјалист била 35.000-36.000 денари како основица, со дежурствата,  хирурзите  во моментов имаат околу  28.000 до 30.000 денари дополнителни плати, ако обезбедиме ресурси по пат на преговори, месец по месец, квартал по квартал, да дојдеме до плата на специјалист до крајот на годината до 68.000 до 70.000, рече Заев.

Се прават напори, како што укажа, за еднаков третман на дежурствата на сите лекари. 

- Покрај обезбедените 150.000 денари за плата додека траат специјализациите, дополнително се прават напори согласно заштедите што ги има во Министерството за здравство и во Фондот за здравство да се зголеми делот на дежурствата на лекарите и да стасаме до еднаков третман на дежурствата за сите лекари, појасни премиерот.  

Министерот за здравство Венко Филипче укажа дека паралелно со тековните промени на Законот за здравствена заштита, работна група веќе е ангажирана на негова целосна ревизија.

Со промените на Законот за здравствена заштита, информира ресорникот министер, значително се олеснува префрлањето лекари или друг средностручен медицински персонал од приватните во јавните здравствените установи, мерка која очекува значително да го ублажи огромниот недостиг на кадри во сите јавни здравствени установи ширум државата.

Воедно  се укинува постоењето на учинокот како начин на вреднување на лекарите заради тоа што се покажало дека е неефикасен и несооветен, како и постоењето на вторите односно економски директори со што се цели на огромна заштеда на пари за плати и за друг репрезентативен материјал. 

- Законот е веќе пуштен во процедура, очекуваме мислења од министерствата за финансии и за информатичко општество, како и Законодавната комисија. Паралелно на ова се работи на целосна ревизија на Законот за здравствена заштита од страна на работни групи и тука ќе се имплементираат достигнувања и искуства од европските земји, рече Филипче