Платата на градоначалникот помош за опожарените во Шуто Оризари

Советот на општината Шуто Оризари на вонредна седница донесе одлука за доделување еднократна парична помош од 30.000 денари на три семејства чии куќи се целосно уништени во пожар. За едно семејство ќе додели еднократна парична помош во висина од 60.000 денари. На оваа седница, градоначалникот Курто Дудуш одлучил да ја донира својата јануарска плата, а советниците, пак, да ги донираат јануарските паушали.

Доделената парична помош опожарените семејства ќе ја искористат за покривање на основните потреби.
Кон хуманиот гест на градоначалникот Дудуш се приклучи и општинската администрација, која предлага да одвои исто така дел од своите плати.
– Ја делиме болката на родителите и семејството, сега ние сме должни кон нив како родители, на уште две дечиња и на нивните соседи, кои ги изгубија своите домови, да им помогнеме да го вратат нормалниот живот назад – вели градоначалникот Дудуш.
Како што соопштуваат од општината, следната недела ќе се одржи друга седница, каде што со ребаланс на буџетот средствата од ставките култура и спорт ќе се пренаменат за помош на семејствата врз основа на извештаите на комисијата за процена на штети.