Плантажи со марихуана ќе никнат пред прозорците на жители од Петровец

Плантажи со марихуана ќе никнат пред прозорците на жители од Петровец. На неколку метри од куќите во општина Петровец е предвидено садење на плантажи со марихуана, граѓаните бараат итно стопирање на работите и нејзина дислокација, пренесува Алфа ТВ.

-Се наоѓа во населено место. Плантажа се прави, знам јас надвор од населено место. Значи не може да се прави тука до куќи, кај што живеат деца, кај што живее народ. Тоа треба надвор да се прави и заради тоа сме против. Бевме до кај градоначалникот, кој ни одговори дека не е во негова надлежност и дека не тој не дал никаква дозвола, изјави Љубе Петровски, жител на Петровец.

-Ние жителите што живееме во околните куќи, ние сме против ова градење на плантажа, т.е. да се дислоцира на друга локација. Нека си се гради, но нека се дислоцира на друга локација во Петровец, бидејќи околу има куќи, изјави Ружица Гроздановска, жител на Петровец.

Градоначалникот на општината Петровец вели дека нема никакви ингеренции околу овој проблем и топката ја префрли кај министерствата за земјоделство и здравство.

-Баш никакви ингеренции и плус таа парцела што ја имаат купено за одгледување на марихуана е надвор од градежен реон, значи општината воопшто не ни дава дозволи, вели градоначалникот Борче Митевски.

Градоначалникот кажа и дека ја понудил зоната Чојлија за овој бизнис, но тоа не било направено од страна на инвеститорите, надополнувајќи дека тие купиле и уште некаде 10-тина парцели.

Граѓаните кои живеат околу оваа парцела досега собрале повеќе од 50 потписи на петиција за стопирање на работите.

Редакцијата на Алфа ТВ, постави прашање околу овој проблем до министерствата за здравство и земјоделство, но одговор се уште не добиле.