Плаќања на рака, мобинг, враќање на К-15 – со ова се соочуваат голем број од работниците

Газдите ги злоупотребуваат вработените и го водат својот бизнис врз грбот на вработените. Тие ја книжат минималната плата, а исплаќаат пониска плата.

Работниците во приватниот сектор се жалат за злоупотреба од страна на газдите. Тие под притисок им даваат овластувања на работодавачите да ја повлечат исплатената плата, а потоа работодавачите им исплаќаат помала плата од онаа која е утврдена со законот.

Дел од работниците се принудени на газдите да им вратат на рака дел од парите, и најчесто не се охрабруваат да говорат за тоа и да ги пријават злоупотребите. Ова посебно е присутно во текстилните, кожарските и чевларските компании, каде е и најголем бројот на работници кои добиваат минимална плата.

Барањето на газдите, работниците на рака да им вратат дел од минималната плата е кривично дело за кое е предвидена затворска казна од три месеци до една година, посочуваат од Хелсиншкиот комитет за човекови права. Оттаму велат дека работниците треба да се свесни оти станува збор за кривично дело и дека треба да се охрабрат да пријават со цел да се спречат манипулациите со исплатата на минималната плата.