Писмо за мажот кој не се бореше за мене...

Драг  Ти,

Неодамна кога си го чистев ормарот, налетав на една наша слика од денот кога бевме во зоолошката градина и не можев, а да не се насмеам. Таму на сликата, ти, човекот кој толку многу го сакав и јас, жената за која велеше дека ќе ја земеш за жена и која ја покани со тебе да патува низ светот.

Ако ја гледаш сликата, никогаш не би ни помислил дека ќе раскинеме по шест недели во крај  кој беше толку неочекуван и болен, што ми требаше година дена за да те преболам.

Во периодот кога раскинавме, ништо немаше смисла.  Толку бевме вљубени еден во друг и одеднаш се заврши. Се чувствував предадено, изиграно и скршено од ладниот и суров начин на кој ме отфрли во моментот кога јасно и гласно ги кажав моите чувства и ставови за важните работи како моите граници, удобност, кариера и животен пат и кога ти кажав дека нема да се откажам од нив само за да те задоволам.

Ти велеше дека мислиш само најдобро за мене, но твојот начин на „заштитување“ ме гушеше мене и мојата индивидуалност. Ти знаеше што беше „најдобро“ за мене и што треба да носам кога излегувам со другарките. Беше истоштувачки постојано да се објаснувам и постојано да бирам помеѓу мојата потреба за самостојност и твоето чувство на навреденост.

Кога те замолив да не ме тераш да бирам, ти агресивно ми рече дека не те сакам иако јас постојано ти го покажував тоа со дела и тоа на сите можни начини. Планирав да ги напуштам сите што ги знам и работа којашто ја сакам само за да бидам со тебе. Ти не го ни забележа тоа. Кај тебе беше: „Или по мое или никако“ и ти бргу се олади кога ти реков дека не можам повеќе да го поднесам тоа.

Ден подоцна ти ми се јави со искреното ветување дека ќе се промениш, дека ме разбираш и ми се извини и рече дека ме сакаш. Јас толку бев среќна, но по неколку недели сфатив дека не можеш да се промениш. Се што велев и правев беше погрешно. Се чувствував како да одам по јајца. Секогаш кога зборував со тебе беше како да одам по стакло, затоа што знаев дека секој разговор ќе заврши со тоа дека јас тебе не те сакам. Од јавување и пораки стаса до тоа да и враќаш само со еден збор или воопшто да не ми враќаш.

Не можев да разберам зошто и како стана толку ладен и тоа толку одеднаш. Имав проблем да признаам дека ти ме измами со твоите ветувања, приказни и изговори. Беше уште потешко да се признае дека јас се измамив самата себе. Длабоко во себе знаев дека ти не си мажот за мене, но потребата да не грешам стана опсесија за мене. И секако, тука беше хемијата којашто ја имавме. Хемијата меѓу нас не е одржлива и колку подолго трае, таа станува похаотична. Нам ни беше судено да не успееме.

Гледајќи назад, не претерувам кога велам дека исплакав милион солзи за тебе.

Еднаш кога се шетав низ супермаркетот, еден човек ме праша зошто сум толку тажна. Моите очи се насолзија како доказ за мојата болка. Тогаш тој ми рече: „Знаеш, солзите се скапи. Не плаќај толку многу за некој кој не е тука за да ги избрише и да направи да исчезнат.“ Неговите зборови ми донесоа утеха за годините кои поминаа.

Во периодот откако не сме заедно, сфатив толку многу работи за себе, тебе, животот и љубовта. Кога некој навистина те сака и сака да биде со тебе, тој ќе те почитува. Тој ќе те прифати таква каква што си. Тие ќе се борат ЗА тебе, а не СО тебе. И сигурно нема да мораш постојано да се бориш СО нив ЗА нив.

Вистината е дека ти не ме ценеше мене и нашата врска за да се потрудиш доволно и тоа е океј. Не е фер да се лутиш некому затоа што не сака да биде со тебе. Уште повеќе, тоа кажува дека твоето его ја запоседнало ситуацијата.

Во суштина, ти го виде тоа што јас не го видов, а тоа дека од милион причини, ние на долг рок немаше да бидеме среќни. Ти никогаш немаше да бидеш среќен со мојата независност, а јас никогаш немаше да најдам задоволство во тоа да бидам контролирана.

Длабоко во себе, сите сакаме и заслужуваме човек кој ќе соработува со нас, кој е подготвен на компромис и кој ни го чува грбот. Ти не беше подготвен да го направиш тоа и тоа е океј. Тоа не те прави лош човек или мене не доволно вредна, туку тоа е едноставно вистината. Постоеја мажи пред и по тебе кои не се бореа за мене и мажи за кои јас не се борев. Тоа е составен дел од животот и ни помага да го најдеме оној кој е таман по наша мерка.

Сакам да ти се заблагодарам што го направи вистинскиот избор, иако тоа многу ме повреди. Ти ме научи многу вредни лекции за љубовта. Научив како да се сакам себеси, како да бидам благодарна што можам толку многу да љубам и колку е важно да се најде човек кој ја цени љубовта и е отворен да добива и дава љубов.

Научив дека понекогаш ќе сретнеме партнери кои ќе ја тестираат нашата љубов кон самите себе на начин кој ќе не остави збунети и партнери кои ќе не сакаат повеќе токму поради нашите граници. Научив дека понекогаш простувањето не е толку неопходно како времето и дека твојата неспособност да ми простиш што не бев личноста којашто ти сакаше да бидам, нема никаква врска со мене.

Чув дека си нашол среќа со некоја нова и тоа навистина ме радува.Се надевам дека ти го отворила срцето доволно за да сакаш да бидеш подобар човек за неа во секоја смисла – низ твоите несигурности, стравови... Се надевам дека таа прави да посакуваш да дадеш се од себе и да ја прифатиш нејзината љубов, пријателство и љубезност без сомневање и огорченост.

Тогаш знаеш дека вреди да се бориш.