Писмо до жената која некогаш ја сакав...

До жената која некогаш ја сакав:

Имаше времиња кога споделувавме се еден со друг, зарем не? Споделувавме смеа, солзи, искуства, традиции. Ги споделувавме еден со друг нашите најинтимни тајни.

Го делевме креветот, но ги споделувавме и нашите посакувања, потреби, желби, соништа и визиите за иднината. Ние целосно бевме соголени еден пред друг, и физички и емоционално.

Без цензура. Со многу доверба. Целосно вплеткани. Несвесни за тоа што ќе донесе иднината. Ах, имавме и време, зарем не? Време кога создававме спомени. Време кога еднаш беше странец за мене, а потоа ми стана се. И тогаш, некако успеа повторно да станеш странец.

Странец кој секогаш ќе има простор во моето срце и ум. Странец кој остава спомени како што човек остава белези на изделканото дрво. Изделканици врз кои ќе пораснат други спомени, но сепак ќе останат таму.

Спомените од споделените искуства сега се само силуети некаде во позадината на мојот мозок кои полека излегуваат на површина кога ќе ја чујат правата песна или кога ќе го помирисаат вистинскиот мирис. Спомени кои се манифестираат себеси како насмевка на моето лице, размислувајќи за оние кои некогаш заедно ги споделувавме.

Насмевки кои ги споделувавме кога бевме поинакви луѓе, кога учевме еден друг, кога заедно растевме и уживавме еден со друг. Насмевки кои ги споделувавме кога поим немавме што носи иднината, но и не ни беше гајле.

Ние бевме ние. И сега ти си ти, а јас сум јас.

Се уште не знам што носи иднината. Можеби еден ден патиштата повторно ќе ни се вкрстат. Патишта кои разделено сме ги пропатувале и кои некако се вкрстиле токму во некое кафуле или пешачки премин. Можеби некој од нас ќе биде во брак и ќе има деца или ќе го има пропатувано светот, живеејќи живот полн со приказни.

Ќе имаме брчки од смеење, смеа која не сме ја споделиле заедно и брчки од болки кои не сме си ги лечеле еден на друг.

Ќе имаме традиции кои сме ги изградиле со некој друг и посебни прилики кои порано биле само обични датуми во календарот.

Ќе имаме фотографии на нашите телефони од искуства кои не сме ги споделиле заедно.

Ќе зборуваме, ќе се потсетиме и повторно ќе се разделиме.

Ќе се прегрнеме и за еден краток миг, нашите срца повторно ќе се препознаат и синхронизирано ќе отчукуваат, дури и за миг. Ќе се присетуваме на споделените времиња. А потоа, пред да се вратиме назад во нашите разделени животи, за последен пат ќе си упатиме насмевка полна со разбирања и споделени спомени.

Ќе си исчезнеме од животите, но ќе гориме посилно во животите кои сме ги создале со оние кои денес ги сакаме. Оние кои не научија дека е океј да се продолжи понатаму. Оние кои не научија дека можеме повторно да сакаме.

Ќе имаме нови насмевки. Посебни насмевки изградени од посебни спомени. Насмевки полни со љубов и семејство и личноста која не прифатила целосно, како што и ние сме ги прифатиле нив.

Задоволни насмевки кои ја отсликуваат тивката удобност во тоа дека сме пронашле среќа кога во еден момент сме мислеле дека тоа е невозможно еден без друг. Насмевки кои сфаќаат дека вака требало да биде.

Секогаш и било така.