Писмо до жената која бев пред една година...

Драга јас,

Нема да ти се верува што сѐ се случи за една година. Ти мислеше дека солзите никогаш нема да престанат. Мислеше дека никогаш нема да се случи да заспиеш без да се превртуваш и измачуваш. Беше прогонувана од сопствените мисли. И постојано се прашуваше работи од типот: „Дали можев да направам нешто поинаку?“, „Каде згрешив?“, „Дали му недостасувам?“ и слично. Но, еве си сега, по една година, тука. Мирна. Спокојна. Твоите мисли се стишаа. Сега знаеш дека никогаш не се работеше за тебе. И што и да направеше немаше да го промени крајот.

Проблемот беше во него. Тој никогаш не ја виде вистинската ТИ. Тој никогаш не ја забележа твојата уникатност. Тој си поигруваше со твоите чувства и ја зема твојата љубов здраво за готово. И иако болеше, тој ти направи услуга. Ти сѐ уште ќе беше приврзана за него и ќе беше заглавена во врска која не беше за тебе и сѐ уште ќе беше несреќна доколку тој не одлучеше да си замине.

Ако можеш да се погледнеш себе, ќе видиш дека речиси сосема го имаш преболено иако ти не веруваше дека тоа е возможно. Конечно ја пронајде светлина по сета темнина и јас се гордеам со тебе (т.е себе) и со девојката (ти) која бев пред една година. Ти си многу посилна отколку што мислеше тогаш.

Не беше лесно да се стигне дотука. Кога човек страда, една година делува како еден век. Ти знаеше дека ти е потребно време, но делуваше како времето да стои во место. Сите тие убави спомени беа само дополнителен товар. Твојот глас трепереше секојпат кога некој ќе те прашаше зошто раскинавте и со сета сила се задржуваше да не заплачеш.

Но, денес тие болни чувства се веќе претворени во прифаќање. Знаеш дека работите мораа да се случат онака како што се случија и тоа е тоа. Спомените се само спомени и сега гордо одиш по улица, уживајќи во животот. Сега имаш позитивен поглед кон животот и кон самата себе. Не гледаш повеќе во минатото, твојот фокус е на она што стои пред тебе. Научи дека е важно да се грижиш за самата себе и да се потсетуваш колку вредиш.

Имаше верба, твоето семејство и пријатели беа покрај тебе и тоа беше сѐ што ти беше потребно за да застанеш на нозе. И многу си благодарна за тоа. Обожаваш да го истражуваш светот, да откриваш нови места и да запознаваш нови луѓе. Имаш нови цели во животот и со цврсти чекори одиш кон нивното исполнување.

Кога го изгуби него, ти се пронајде себеси. Ја откри својата сила и откри дека можеш да се справиш со сѐ.

И главата горе девојко, твоите соништа се големи и одиме само напред и сега знам дека сѐ ќе биде во ред.

Те сака,

Јас, од сегашноста