Пијано виртуозот Борис Березовски со два концерти во Скопје

Рускиот виртуоз на пијаното, еден од најбараните солисти на денешнината, Борис Березовски, во Скопје настапува со два концерти.

Првиот, кој ќе се одржи на 29 мај во Камерната сала на Филхармонија во 20 часот, е негов рецитал, кога ќе настапи со изведба на дела од Шуман, Балакирјев и Григ. На рециталот, заедно со Березовски, ќе настапат и македонските музички уметници: Анна Кондратенко – виолина, Владимир Костов – виолина, Бојан Талески – виола и Александар Котевски – виолончело.

Наредниот ден, на 30 мај со почеток во 20 часот, Березовски ќе настапи како солист со Филхармонијата на симфонискиот концерт под наслов „Кодот на Березовски“. Рускиот волшебник на пијаното ќе изведе два концерти за пијано и оркестар едноподруго, кога ќе биде и самиот диригент – Концерт за пијано и оркестар бр. 1 од Сергеј Прокофјев и Концерт за пијано и оркестар бр. 2 од Дмитриј Шостакович.

Оваа вечер ќе биде изведена и Симфонија бр. во 2 од Александар Бородин, под диригентство на младиот Виктор Митревски, кој годиниве наназад кариерата ја гради на европските музички подиуми.

Борис Березовски (1969) ужива голема репутација во Европа и во светот. Музичката критика едногласна во мислењето дека Березовски во моментов е еден од најмоќните пијанисти кој поседува уникатна техника и сензитивност, кој има специфичен пристап кон пијаното и, воопшто, кон музиката што ја изведува.