Петта ролеријада во Скопје

Детскиот културен центар „Карпош“ и Град Скопје годинава по петти пат ќе организираат ролер-трка, наречена „Возиме кон иднината“. Трката ќе се одржи в петок со почеток во 12 часот. Целта на оваа спортско-рекреативна манифестација, на која ќе учествуваат ученици од училиштата од градот и околината, е развивање на спортскиот дух на најмладите и создавање навики за спортување.

На манифестацијата „Возиме кон иднината“, минатата година учествуваа околу 700 учесници, а годинава се очекува бројката да биде поголема. 

„На оваа спортска манифестација ќе учествуваат сите основни училишта од градот и околината, со учесници од по 15 момчиња и 15 девојчиња, на возраст од петто до деветто одделение. На ролеријадата ќе бидат доделени по три награди за најуспешните ученици во машка и женска категорија“, велат од ДКЦ „Карпош“. 

Стартната позиција ќе биде на булеварот „Илинден“ пред фонтаната на Градскиот парк и ќе се движи до клучката со улицата „Никола Тесла“, кај „Паркови и зеленило“.