Пет фирми сакаат да го чистат линданот во ОХИС

Пет компании се пријавиле на тендерот за чистење на линданот во околината на фабриката Охис. Од Министерството за животна средина и просторно планирање за РСЕ велат дека тендерот е завршен и наскоро ќе донесат одлука која од овие фирми ќе биде избрана да го направи чистењето.

Завршен е тендерот за избор на фирма за чистење на депонијата со линдан во кругот на фабриката ОХИС во Скопје, потврдија за РСЕ од Министерството за животна средина и просторно планирање. Оттаму велат дека се пријавиле вкупно пет компании и оти во моментов нивните понуди се разгледуваат, по што ќе биде одбрана фирмата која ќе понуди најдобра технологија за отстранување на токсичниот отпад.

Сѐ уште не е познато кога точно ќе започне отстранувањето на линданот, бидејќи прво треба да заврши процесот на евалуација, како што велат од Министерството за животна средина и просторно планирање, наведувајќи дека не сакаат да шпекулираат со рокови.

„Јавноста ќе биде навремено информирана кој ќе биде најдобар понудувач“, уверуваат од МЖСПП.

Прво ќе започне чистењето на малата депонија во ОХИС, процес кој ќе трае 3-5 години и за кој од МЖСПП неодамна информираа дека ќе бидат потребни околу шест милиони долари, додека отстранувањето на големата депонија „е следна фаза“ и во зависност од одбраната технологија проценките на институцијата се дека ќе чини од 50 до 60 милиони долари.

Депониите во ОХИС со HCH отпад (линдан и неговите изомери) според токсичноста се рангирани како најопасни по животната средина во земјава, при дефинирањето на 16-те индустриски жешки точки.

На две локации во кругот на некогашниот хемиски гигант ОХИС оддалечен неколку километри од центарот на Скопје, несоодветно се складирани големи количества опасни хемикалии од процесот на производство на линданот во периодот од 1964 до 1977 година.

Линданот во светот е забранет од 2006 година кога беше ставен на листата Перзистентни органиски супстанци според Стокхолмската конвенција на Обединетите нации.

Во депониите има над 30.000 тони линдан помешан со земја кој е детектиран во воздухот, во подземните води и во почвите во околните населени места и подалеку, поради што 470.000 жители потенцијално секојдневно се изложени на пестицидот и се под ризик од канцерогени ефекти врз нивното здравје, како рак на црн дроб и бубрези, болести на имунолошкиот систем и други не-канцерогени ефекти, покажуваат документите на УНИДО – агенција на Обединетите нации која е одговорна за спроведување на проектот.

Повеќе на www.slobodnaevropa.mk/