Пешачките премини брзо бледнеат и стануваат невидливи - со каква боја се бележат?

Избледените и незабележителни бели линии на пешачките премини, какви што има насекаде низ Скопје, честопати се причина за несреќи. Локалното население знае каде се наоѓаат тие премини и таму ја поминува улицата преку невидливите зебри, но возачите што не ја познаваат улицата, а возат брзо, не ги забележуваат зебрите, не ја намалуваат брзината и тогаш пешаците се во опасност. Затоа, на Скопје му е неопходно ново боење на пешачките премини речиси на сите улици.

Она што се прашуваат и сега го коментираат граѓаните е до кога ќе биде забележлива и оддалеку воочлива белата боја на новообележаните сообраќајници и на новоасфалтираните улици, со новите бои. Исто така прашуваат зошто за кратко време свежо обележените сообраќајници добиваат избледени пешачки премини, дали можеби тоа зависи од фреквенцијата на сообраќај или можеби се избира неквалитетна боја. Се поставува и прашањето дали за изборот на бојата се консултираат со надворешни соработници или, пак, за тоа одлучуваат градот и јавното претпријатие „Улици и патишта“. Како што е познато, бележењето на хоризонталната и вертикалната сообраќајна сигнализација се прават во согласност со годишната програма, која ја носат градските советници.

– Не можев да се изначудам кога забележав дека на булеварот Партизански одреди пешачки премин се премачкуваше со мрсна боја. Се запрашав дали е ова можно, се прави ли некаква импровизација или, пак, се користи сѐ што може да помине на тендери. Се прашувам има ли правило со каква боја се премачкуваат пешачките премини, а со каква пак полните и испрекинатите линии, дали тие правила ги одредува градот или, пак, стручни лица во соодветното претпријатие што ги изведува овие работи – вели жител на општината Карпош.

На нашите прашања и ова на граѓанинот дали со мрсна боја може да се обележуваат пешачките премини од градот не добивме одговор.

– Бележењето на хоризонталната и вертикалната сообраќајна сигнализација се прави во согласност со годишната програма, која ја носи Советот на градот Скопје, а истата таа се спроведува од страна на ЈП „Улици и патишта“. За повеќе информации од технички карактер, обратете се во претпријатието – ни рекоа од Одделението за односи со јавноста и информации за граѓаните на градот Скопје.

Од претпријатието, пак, задолжени за реконструкција и обележувањето на сообраќајниците потврдија дека нивен налогодавец за работа е градот.

– Јавното претпријатие „Улици и патишта“ – Скопје работи по налог на градот Скопје, а е во постојана соработка со другите јавни претпријатија, така што за квалитетот на бојата се одлучува преку консултација на стручните лица однадвор. Изборот на бојата зависи од фреквентноста на сообраќајот на одредените сообраќајници. При обележувањето на хоризонталната сигнализација на градските сообраќајници се користи акрилна боја – вели Ана Николовска, одговорна за односи со јавност во ЈП „Улици и патишта“.

Ако експерти одлучуваат за квалитетот на бојата и тие не се вработени во претпријатието, туку надворешни лица што си ја знаат работата, тогаш се поставува прашањето зошто белата боја по градските сообраќајници многу брзо избледува. Дали Скопје има огромна сообраќајна фреквенција или можеби повторно е во прашање избраната боја? Може ли да послужат странските искуства, се прашуваат многумина.