Персонален данок и за продавачите на пазар

Управата за јавни приходи според сегашниот предлог на граѓаните ќе им испраќа пополнети годишни пријави до крајот на април, а граѓаните ќе треба да ги потврдат или коригираат до крајот на мај.

Плаќање на персонален данок од доход и на заработката од продажба на сопствени земјоделски производи се предвидува со предлог-законот за измена и дополнување на Законот за персонален данок од доход, што го изготви Министерството за финансии.
Истовремено, се предлага персоналецот да не се плаќа на помошта што ја примаат граѓаните од буџетите на државата, општините или Градот Скопје, за претрпени штети од елементарни непогоди и други вонредни настани. Оваа давачка нема да се пресметува ниту на средствата кои граѓаните ги собираат за лекување во земјата или во странство, но само на делот во висина на реалните трошоци на лекувањето, документирани со сметки на здравствените установи кои го извршиле лекувањето.

Со овие предложени законски измени, освен што се предвидуваат нови обврзници и нови ослободувања од данокот, се разработува и сосема нова процедура за пријавување на персоналниот данок од доход.

– Во насока на олеснување на практичното спроведување на законските одредби и намалување на административниот товар на даночните обврзници и на Управата за јавни приходи, како и унапредување и олеснување на начинот на плаќање на персоналниот данок на доход се предлагаат измени и дополнувања на дел од одредбите на Законот, се појаснува во образложението.

Така, се предлага исплатувачите на приходите до Управата за јавни приходи електронски да доставуваат пресметка на аконтациите на данокот на доход што треба да ги платат при исплата на приходите на граѓаните. Управата за јавни приходи ќе врши контрола на точноста на пресметката на персоналниот данок на доход пред исплатата на приходот, ќе ги генерира налозите за плаќање на данокот и по електронски пат ќе ги доставува до носителите на платен промет. Исто така, предложено е УЈП врз основа на податоците со кои располага за остварените приходи на даночните обврзници и пресметаниот данок, да изготвува пополнета годишна даночна пријава за секој даночен обврзник, која даночниот обврзник ќе има обврска само да ја потврди или корегира.

Предложено е пополентата даночна пријава даночната управа да ја доставува до обврзникот до крајот на април, а тој пак да ја потврди или коригира до 31 мај.

– Со изготвување на пополнетата годишна даночна пријава од страна на Управата за јавни приходи физичките лица ќе се ослободат од товарот за пополнување на пријавата, нејзино физичко доставување во просториите на Управата за јавни приходи и нема да трошат време за пополнување на даночната пријава, ниту средства за професионални изготвувачи, доколку користат вакви услуги. Поднесувањето на пресметката за исплатените приходи и пресметаниот данок на доход по електронски пат со користење на клиентскиот софтвер на Управата за јавни приходи, ќе придонесе за намалување на административните процедури кај исплатувачите на приходите и нивните трошоци поврзани со пресметувањето и плаќањето на данокот. Од друга страна, Управата за јавни приходи во реално време ќе располага со податоци за остварените приходи на граѓаните, а ќе се подобри и капацитетот на Управата за мониторинг на оданочувањето на физичките лица, како и подобрување на квалитетот на услугите кон трети лица, пишува во извештајпт за проценка на влијанието на регулатива, објавен на Националниот регистар на прописи.

Овие предложени измени на Законот за персонален данок од доход се во рамките на Проектот на Управата за јавни приходи “Поедноставување на процедурите за известување и плаќање на персонален данок на доход за физички лица, финансиран од ИПА фондовите. Со нив не е опфатена промена на стапката на оданочување иако од Министерството за финансии најавена е можност и за таква корекција, но не во текот на оваа година.

– До крајот на годината ќе се отвори јавна дебата за евентуално воведување на прогресивна стапка на персоналниот данок на доход. Сите промени ќе се носат транспарентно и со вклученост на јавноста, информираа од таму.