Перо Антиќ: Ќе играм за Македонија ако си замине Пеце

Најдобриот македонски кошаркар за 2017 година, Перо Антиќ, порача дека не би се вратил во националниот тим додека федерацијата ја води раководство кое си лечи комплекси.

Тој во интервју за српската телевизија “Спортклуб", изјави дека вратата за настап во македонската репрезентација не му е затворена, но враќањето го условува со промени во Македонската кошаркарска федерација, односно промена на првиот човек, Петар Наумоски.

Ќе почекаме да видиме што ќе биде со раководството. Додека е ова раководство во федерацијата, не размислувам за враќање во репрезентацијата. Иако станува збор за играње за мојата држава, тоа раководство само чека да направи некои проблеми и да си ги лечи своите комплекси. Ја расипаа хемијата која ја красеше македонската репрезентација. Засега, моето враќање во националниот тим е статус-кво, изјави Антиќ.

Околу наградата за кошаркар на годината која не дојде никој да ја прими во негово име, Антиќ има свој коментар.

Им благодарам, но ете им ја оставив наградата, нека си ја чуваат, додаде центарот на Црвена звезда.

Поранешниот капитен на Македонија исто така откри каде се случил пресвртот во неговата кариера и на што се должи истиот.

По Европското првенство во 2011 година кога со мојата Македонија влеговме во полуфинале, потпишав договор со Мишко Ражнатовиќ и тогаш ми се промени кариерата. Одбравме и помал договор од она што тогаш ми го нудеа и отидов во Олимпијакос кај Дуда Ивковиќ. А, кога ќе ја поминеш школата на Дуда, а потоа и на Жељко Обрадовиќ, е тогаш си веќе сериозен играч и потоа те барат големите клубови, изјави Антиќ.