Перформансот „Човековиот срам“ вечер на МОТ

 На четвртиот ден од Млад отворен театар вечер од 20 часот во Младинскиот културен центар ќе биде изведен танцовиот перформанс  од Италија „Човековиот срам“, резултат од проектот „Поетиката на срамот“ во копродукција на #Reteteatro41 и Фондацијата „Матера 2019“. Премиерно беше изведен во март во Матера – италијанскиот град кој годинава ја носи титулата Европска престолнина на културата.

Во режија на Силвија Грибауди и Матео Мафесанти, перформансот го истражува срамот, индивидуалниот и колективниот, преку драмска конструкција раскажаната од телото.  Во петчлената интернационална екипа е и нашата актерка Симона Спировска од театар „Артопија“.

Пред половина век Матера бил „град на срамот“ поради екстремната сиромаштија и, меѓу другото, тоа било и инспирација за овој проект. Според актерката Спировска, проектот е инспириран од трансформацијата на Матера од срам на Италија во европски град на културата, односно од неговото издигнување од сопствениот срам, претворајќи го во  гордост.

-Низ претставата се обидовме токму низ оваа призма да го погледнеме човековиот срам во сите негови облици. Извртените општествени вредности ги дефинираат „срамните“ појави и ние денес, всушност, се срамиме поради нешта кои нè прават различни и убави, а истовремено сосема бесрамно уништуваме сè околу себе. Немањето срам е сериозен недостаток, но што е денес срамно?, рече Спировска во интервју за МИА во март кога беше премиерата на проектот.

МОТ ќе продолжи утре со хрватската претстава „Младина без бог“ од 20 часот во МКЦ, а потоа со претставата „Бакхи“ на Битолскиот театар од 22 часот на малата сцена на Националната опера и балет. Утре ќе биде организиран и првиот настан од придружната програма на МОТ – работилницата за специфична локација „Orbis pictus – Оди и види“ која од 18 часот ќе се одржи во Железничката зграда.