Пензионерите најлесни жртви на корона-криминалци

Додека трае епидемијата на коронавирус, најранлива категорија граѓани се постарите лица. Најчести жртви се токму тие, па поради тоа здравствените власти, вклучувајќи ја и Светската здравствена организација, препорачуваат тие никако да не ги напуштаат своите домови. Така е во сите земји каде што коронавирусот зема замав и ги одзема кревките животи на најстарите членови на општеството.
Во голем дел од светот постарите лица се соочени со доста сериозни проблеми, бидејќи живеат сами, па немаат како да се снабдат со основните намирници потребни за нивното секојдневие. Исплашени, ранливи и сами, поради епидемијата на ковид-19, пензионерите се новата цел на криминалците, кои во овие моменти, без нималку срам се обидуваат да заработат, користејќи ги заразата и стравот кај луѓето.

Притоа измислуваат мошне итри и привлечни начини преку кои се обидуваат да ги навлечат старците на лажни ветувања за некаква помош и да им ги отворат вратите на своите домови.
Во Велика Британија се појавија неколку такви случаи. Во поштенските сандачиња на пензионерите се појавија летоци од криминалци што се обидуваат да ограбат или наводно да заработат, кои им нудат деконтаминација на нивните домови. Седумдесет и четиригодишниот Тери, кој живее сам, добил ваков леток од извесна фирма со името „Сервис за деконтаминација од коронавирус“. Тој се јавил на наведениот телефонски број и разговарал со извесно лице, кое му кажало дека може да му ја деконтаминира куќата за 40 фунти од соба. Старецот за оваа понуда му раскажал на синот Едвард, кој повторно се јавил на телефонскиот број за да поразговара со извесниот сопственик на фирмата. 

– Го прашав како се толку сигурни дека токму тие нема да го донесат вирусот во домот на татко ми. Кога го прашав дали носи соодветна заштитна облека, човекот го прекина разговорот со мене – изјави Едвард.
Веднаш по разговорот, тој одлучил да го пријави случајот во полицијата, која сега работи на негово расчистување.
Британската полиција ја предупреди јавноста да биде многу внимателна кон вакви и слични понуди за помош. Оттаму го посочуваат примерот во кој измамници успеале да украдат 970 илјади фунти, претставувајќи се како претставници од Светската здравствена организација.

Од први февруари, полицијата евидентирала зголемен број измами поврзани со ситуацијата со коронавирусот, кои, пак, последниве неколку дена се во сѐ поголем број. Само од 14 до 18 март, властите евидентирале 38 пријавени случаи.
Најголемиот дел измами се насочени кон пензионерите што се во изолација дома, како една од најдобрите мерки да бидат здравствено заштитени. Измамниците им нудат на постарите лица да им пазарат потребни намирници за дома, заштитни маски или, пак, антибактериски гелови за раце, а откако ќе ги земат парите, не се враќаат со нарачаните производи.
Откако почна епидемијата, постар човек бил ограбен веднаш откако ја напуштил банката, каде што вадел пари од страв да не остане во карантин без готовина во себе. Според полицијата, старецот бил следен од криминалци, кои му украле две илјади фунти. Во Манчестер, пак, пензионерите најчесто се жртви на луѓе што им нудат да им пазарат, но само колку да им ги земат парите.
Криминалците одат дотаму што целат старците што живеат сами, па им нудат да им измерат температура. Исплашени за својот живот, тие ги пуштаат во своите домови, по што стануваат жртви на кражба, но и го доведуваат во опасност сопствениот живот.
Според Џоел Левис од британската полиција, анксиозноста на пензионерите е толку голема што тие се една од најранливите категории граѓани.
– Не сакаме да ги обесхрабриме да не побараат помош од волонтерските групи, кои ги има насекаде во државава, но сакаме да бидат претпазливи и да не му даваат пари на секој што ќе им тропне на врата и ќе им понуди одредена услуга – истакна тој.
Понуди за помош на постари лица се појавија и на социјалните мрежи во
Македонија, меѓутоа досега во јавноста нема податоци дека некое старо лице е искористено и злоупотребено. Според дневниот билтен на настани штосекојдневно го објавува Министерството за внатрешни работи, се чини дека кај нас, откако започна вонредната состојба, драстично се намали и криминалот во земјата. (izvor-Nova Makedonija)