Пензионер прегазен на улица ја одби Итната помош, стравувајќи дека записникот може да биде изменет

Сообраќајка се случи утринава околу 10,30 часот на булеварот „Даме Груев“ во која возрасно лице, додека минувало на пешачки премин, било удрено од возило. Иако сликата наликуваше на уште една во низата сообраќајки, што секојдневно се случуваат во главниот град, ситуацијата беше збунувачка.

Имено, сведоците објаснуваат дека пешакот поминувал на обележан премин, кога во него удрил автомобил од марката „митсубуши“.

Екипа на Лидер случајно се затекна на местото на несреќата. На изненадување на сите, старецот, кој се жалеше на болка во коленото, одбиваше да биде пренесен од Итната помош до најблиската болница, под изговор дека ќе ја чека полицијата да изврши увид.

Така затекнати, под изговор дека се потребни на слични ситуации, тимот од Итната помош побара од старецот да потпише дека доброволно се откажува да биде превезен во болница, но тој и тоа одби да го стори, тврдејќи дека ако си замине, тогаш полицискиот записник може да биде поинаков од тоа што навистина се случило.

Говорејќи дека никогаш не се нашле во слична ситуација, медицинскиот тим на Итната помош телефонски од Центарот побара како да постапи во ситуацијата, по што замина, оставајќи ги сведоците на несреќата да сведочат и дека Итната помош добила инструкции да си замине додека старецот продолжи да лежи на пешачкиот премин. izvor - lider.mk