Пензионер: Отстапете го седиштете во ЈСП на оној кој навистина му е потребно, а вие поминете си го времето со најмилите

Сепак не се сите пензионери исти. Додека некои едвај чекаат да дојдат тие денови за да се возат бесплатно во автобусите на ЈСП од прва до последна станица, постојат и такви кои не сакаат да се туркаат и на кои сосвеста им работи малку повеќе.

Дедо Владо е во пензија и има 74 години. Тој сепак се разликува од другите пензионери. Не дека тој е од оние пензионери, кои претходно работеле добра работа и кои денеска имаат висока пензија, или пак дека е некој учен човек. Тој има завршено осмо одделение и целиот свој работен век го поминал како градежен работник.

Дедо Владо ја поздравува одлуката за бесплатен градски превоз за пензионерите, но како што вели, тоа да е во некоја нормална држава, а не тука кај нас.

-Ние се злоупотребуваме. Им се чудам на пензионерите. Наместо да излегуваат кога имаат потреба, тие стануваат наутро рано и се возат од прва до последна станица. Не ми е јасно. Зарем немаат фамилија. Зарем немаат совест, дека треба да отстапат место на некој кој работел цел ден, на некој кој учел цела ноќ, на некој кој е болен и на кој навистина му треба да седне. Се чудам, како им се излегува на овој воздух, како им се излегува кога надвор е минус, или пак во текот на летото кога е многу топло, вели дедо Владо.

-Јас кога имам некоја потреба за да одам со автобус, гледам тоа да не бидат тие денови, не ми е проблем да платам карта, ама знам дека ќе седнам како човек и како што заслужува секој.

Тој вели дека многу пати до сега има зборувано со своите пријатели, пензионери, на оваа тема, но никогаш не дошло до разбирање.

-Тие сметаат дека залужиле за такво нешто и дека треба да искористат. Такви сме ние, прост народ, вели тој.

Дедо Владо упатува апел до сите пензионери, да си седам дома, да ослободат место на некој, на кој навистина му е потребно.

-Искористете го слободното време за да бидете со најмилите. Животот е краток за да го поминуваме во автобус од една на друга стануца, апелира тој.