Пензионер од Скопје: Децата и овој празник заборавија да ми се јават, заборавија на домот во кој пораснаа

Дедо Драги е осумдесетгодишен старец. Работниот век го поминал како учител во скопскиот регион. Угледен, ценет човек. И тогаш и денеска. Тој е во пензија повеќе години, живее во мала скромна куќичка сам со својата две години помлада сопруга.

Дедо Драги ја раскажува својата приказна, како тој ја дочекал Новата година, што значи таа за него. Тажна е неговата приказна, со истата упатувајќи апел на сите помлади.

Тој има тројца синови и една ќерка. Работел цел живот за нив. Да им обезбеди домови, да имаат кровови над главата. Мислејќи дека има деца и кога ќе остари дека ќе има кој да го гледа.

-Секоја година со сопругата си седиме сами дома за Нова година. Не ни значи нам ништо. Си спремаме нешто јадење и си гледаме телевизија, со надеж дека утрешниот ден на гости ќе ни дојдат децата. Станавме на први јануари. Во секој момент очекувавме да заѕвонат телефоните, да ни се јават, како на постари, на родители да ни честитаат Нова година, или пак да се појават на врата. Но, за жал, не се случи тоа. Јас, како постар, како татко, заборавив на гордоста и го земав телефонот, да им се јавам да им посакам убави желби. Очекував дека ќе дојдат на гости, но ми рекоа дека имаат други обврски и веќе договорени други гости, кои не можат да ги одбијат.

И овој празник останавме сами дома. Сами на трпеза. Полно срце, бидејќи имаме деца, имаме внуци, но празен дом. Ние секогаш сме во последен план, а тие секогаш за нас се во прв.

И овој празник заборавија на родителите. Заборавија кој ги испрати на прав пат во животот. Кој им даде почеток. Кој им даде кров над глава. Заборавија на најважните. Но, не знам дали забораваат дека и тие имаат деца и дека тие еден ден ќе дојдат на нашите години. Дека еден ден, топката ќе се заврти.