Пензија ќе добиваат и оние без услови и ден работен стаж - ова се критериумите

Законот за социјална сигурност на постари лица стигна во Собрание и за него ќе се гласа по скратена постапка. Имено, со него е пропишано државната социјална пензија да изнесува 6000 денари месечно или (96,7 евра) и еднаш годишно да се усогласува со трошоците на живот.

Сите граѓани на Северна Македонија постари од 65 години, кои не ги исполниле условите за пензија и не работеле ниту ден, оваа година ќе добијат државна пензија.

Тоа нема да се однесува на оние кои се во брак или живеат во вонбрачна заедница, а чиј партнер веќе ужива пензија. Таа категорија граѓани, според Владата , не е социјално загрозена и нема да може да добива социјална пензија.

Услов за добивање на оваа пензија е лицето да биде државјанин на Северна Македонија и во земјава да живее во последните 15 години.

Покрај тоа, услов е граѓанинот да нема сопствен имот и имотни права од кои може да се издржува, да не е корисник на пензија или некој вид примања по основ на старост, инвалидност или издржување од друга држава...

Оние кои ќе примаат социјална пензија ќе имаат право и на надомест за греење во износ од 1000 денари (16 евра) од октомври до март. Не постои проценка колку луѓе ги исполнуваат условите ниту пак колку пари ќе се издвојат од буџетот за таа намена.

Социјалната пензија нема да ја исплаќа ПИО фондот , туку центрите за социјална помош.

Минималната пензија која ја исплаќа фондот на граѓаните кои работеле најмалку 15 години изнесува околу 8 800 денари (околу 142 евра), што е само 2800 денари (45 евра) повеќе од новата социјална пензија.