Пендаровски-Вучиќ: Скопје и Белград имаат многу добри односи и со поголема доверба од порано

 Белград и Скопје имаат многу добри односи, со поголема доверба од порано и со подобрена економска соработка, оценија претседателите на Северна Македонија и на Србија, Стево Пендаровски и Александар Вучиќ по нивната денешна средба во српскиот главен град.

– Во политичките односи, освен различни погледи за независноста на Косово, немаме други отворени прашања. Сакаме да ги градиме најблиските пријателски односи, изјави Вучиќ на заедничката прес-конференција со Пендаровски,.

Вучиќ додаде дека имал отворен разговор со претседателот Пендаровски за сите клучни прашања во билатералните односи на двете земји, регионалните иницијативи и клучните регионални прашања.

– Белград и Скопје имаат многу добри односи, ми се чини со поголема доверба од пред една или две години и тие односи ќе одат само во подобра насока, рече Вучиќ.

Тој потсети на Новосадската и Охридската иницијатива и нагласи дека е горд на договорот постигнат меѓу Северна Македонија, Албанија и Србија.

– Знам дека не е најпопуларен, но мислам дека е иднината. Не само за нашиот регион. Паметен избор е да се преживее во ситуација кога не знаете како оди Европа. Не да се понуди алтернатива, затоа што не е за споредба, но ние имаме обврска да го направиме сами она што можеме. Затоа сум задоволен од иницијативата и уверен сум дека тоа ќе донесе просперитет на овие земји и нации, рече Вучиќ.

Според него, економската соработка меѓу двете земји напредува и оти трговијата се очекува да биде близу една милијарда евра оваа година со регистрирано зголемување од 7,6 отсто оваа година.

Претседателот Пендаровски од своја страна изјави дека неговата денешна посета на Белград е уште една потврда за односите на добрососедство и меѓусебно разбирање меѓу Република Северна Македонија и Република Србија, но и уште една можност заеднички да ја потенцираат важноста и посветеноста на градењето, одржувањето и унапредувањето на меѓусебниот дијалог, како меѓу себе, така и пошироко во регионот.

– Нашите земји и народи ги поврзува долга историска и културна традиција, а ја споделуваме и визијата за заедничка иднина во големото европско семејство. Оттука, контактите на највисоко ниво меѓу нашите две земји имаат посебно значење и даваат силен сигнал и за понатамошен развој на пријателството и соработката на сите други нивоа, додаде Пендаровски. зш/сп/

 

 

Заедничка прес конференција со претседателот на Србија Александар Вучиќ

ВО ЖИВО | Заедничка прес конференција со претседателот на Србија Александар Вучиќ, официјална посета на Србија

Posted by Stevo Pendarovski on Петок, 22 ноември 2019