Пенчиќ: Со помош на професорот Гел да го направиме Скопје „град за луѓе“

Имаме за цел да отвориме една нова страница за развој на градот Скопје, истакна професорката Дивна Пенчиќ од Архитектонскиот факултет во Скопје на денешната промоција на книгата „Градови за луѓе“ од професорот Јан Гел од Данска што беше организирана од Комората на архитекти и овластени инженери.

Таа посочи дека професорот  Гел од Данска во моментов е еден од најважните личности во архитектурата и планирање на градовите во светот, нагласувајќи дека тој бил и советник на градоначалниците на градовит како Њујорк, Мелбурн и Москва.

- Тој покажа голем интерес за Скопје. Целата приказна се сведува на тоа како градот Скопје да го направиме „град за луѓе“ што е поттикнато од неговата книга што се вика „Градови за луѓе“, рече Пенчиќ.

Гел работи на една проблематика дека планирањето на градовите, организирањето и квалитетот на живот треба да се сведува на човекот.

- Ние сега имаме една друга позиција во која го планираме градот како да не знаеме за кого го планираме и секојдневно се соочуваме со проблемите кои го намалуваат квалитетот на живот, истакна Пенчиќ.  

Таа посочи дека почнува акција со поддршка на градоначалникот Петре Шилегов да се отвори дебата за тоа како Скопје да се направи „град за луѓе“.