Педијатрите советуваат престојот со деца на плажа да се планира многу внимателно

Педијатрите советуваат доенчињата до шестиот месец воопшто да не се сончаат, а престојот на плажа да се планира многу внимателно.

Кога почнува сезоната на летните одмори, родителите кои имаат мали бебиња се во дилема дали да ги изложат на сонце и доколку тоа го направат, на кој начин да ги заштитат од сончевите зраци. Педијатрите советуваат доенчињата во првите месеци па се' до шестиот месец воопшто да не се сончаат, а престојот на плажа да се планира многу внимателно.

Ова доаѓа оттаму што кожата на новороденчето е тенка, нежна, чувствителна. Природниот механизам за заштита на кожата од сончевите зраци не е целосно развиен, па изложување на новороденчето 15-20 минути на директно сончево влијание може да предизвика изгореници и дехидратација.

Педијатрите уште велат дека бебињата до шест месеци да не се мачкаат со кремови со заштитен фактор, туку да ги заштитат на друг начин. Тоа значи дека детето треба да се облече во тенка памучна маица и панталони, да се чува во ладовина или под чадор за сонце, кој дава добра сенка. На главата секогаш треба да му стави капа со штитник. Дури и кога постои сигурност дека детето е добро заштитено, не треба да се заборави дека ултравиолетовите зраци се одбиваат од водата и песокот. Тоа најдобро ќе се увиди кога бебето, кое е добро чувано во сенка, добило боја.

На шетање најдобро е да се оди до 10 часот претпладне и од 17, па и 18 часот попладне. 

За новороденчињата кои се постари од шест месеци, пред да се изложат на сонце, може да се користат кремови со заштитен фактор, а производот задолжително треба да има УВА и УВБ-филтер (назначено како заштита од „широк спектар“). На тој начин ќе се избегнат болните и опасни изгореници и црвенило.