Паркот на Букурешка куртули од бетон-наместо зграда ќе има детски реквизити

Наместо петкатница на местото на паркчето на улицата Букурешка во Тафталиџе, Општина Карпош ќе изгради детско игралиште.

Општината реши да ги послуша барањата на граѓаните кои минатата лето со низ протести го искажаа својот револт поради уништувањето на зеленилото заради изградба на зграда. Според деталниот урбанистички план на местото на паркчето требаше да се гради зграда со приземје, четири ката и поткровје.

- Поставувањето на новите реквизити во паркот веќе започна. Во изминатиот период се вршеше подготовка на терен, но веќе е во тек поставувањето на реквизитите, велат надлежните од Општина Карпош.

Од таму потенцираат дека новите реквизити ќе бидат по сите светски стандарди, а воедно станува збор за детски реквизити кои пред се ќе бидат безбедни за употреба. Ќе има лулашки,
лизгалки, вртелешки и многу други занимливости за најмалите.

Паркот на улица „Букурешка ќе се простира на околу 300 метри квадратни, а за истиот општината од својот буџет ќе одвои околу 500.000 денари.

- Локалната самоуправа од буџетот за овој проект издвои околу 500.000 денари, а бидејќи работите се во тек, предвидено е паркот да се пушти во употреба за околу еден месец па и помалку, соопштија од Општина Карпош.

Оние кои живеат таму се задоволни од повлекувањето на одлуката да не се гради зградата.

Од населбата Тафталиџе во Општина Карпош, во знак на револт минатото лето протестираа по најавата на локалната власт за градење петкатница на ова место. Жителите од околните згради и куќи, се бунтуваа против одземањето на нивниот парк. Повозрасните граѓани, но и оние најмалите кои живеат во овој дел на општината секојдневно протестираа пред паркчето во Тафталиџе, со цел да го заштитат зеленилото, но и она место каде најмалите дечиња најмногу го поминуваат времето.

По низата протести на жителите од Тафталиџе од Општина Карпош одлучија дека на ова место наместо деталниот урбанистички план кој предвидуваше на оваа локација да никне зграда со приземје, четири ката и поткровје, да има паркче со нови детски реквизити.

 

Извор: вечер.мк