„Паркирав само на 5 минути да купам нешто, како баш мене ме фативте“, ова е стандардната реченица која повеќето од сопствениците на возила  ја кажуваат како спас  од моментот кога ќе забележат дека пајак службата  се спрема да го крене нивното возило кое е непрописно паркирано.

Скопјани често пати знаат и љубезно да молат, но доколку воочат дека не им успева таквото однесување убавите зборови ги претвораат во пцости, клетви  и закани.

“Се случи да кренеме возило паркирано во трева, а во него да ти имало човек, не видовме дека во него има некој. Дури кога веќе возилото го кренавме, тогаш заспаниот се освести и „пајакот го ослободи“.Често се случува кога сопственикот на возилото ќе го затекне „пајакот“ во акција да влезе во него, да ги заклучи вратите и да одбие да излезе, мислејќи дека така ќе го спаси возилото, раскажува вработен во пајак-службата.

Пајак службата и сообраќајната полиција во акција за расчистување на градот Скопје од непрописно паркирани возила. Дури 64 автомобила се кренати од пајакот во изминатите 24 часа. Во депото на пајак службата граѓаните чии возила беа кренати  плаќаа по 2500 денари за  да си ги земат назад, но и дополнителна  казна поради  непрописно паркирање.

Од МВР информираат дека вчера сообраќајната полиција открила и санкционирала поголем број прекршоци. Дваесет и седум возачи се движеле со брзина поголема од дозволената, тројца возачи за неправилно престројување и 19 возачи кои во своите возила не поседувале пропишана зимска опрема.

Од сообраќај биле исклучени еден возач кој го управувал возилото под дејство на алкохол, 16 возачи пред да се стекнат со право на управување на моторно возило и тројца возачи почетници, како и 10 нерегистрирани возила. Санкционирани биле и осум пешаци кои поминале коловоз вон пешачки премин и седум пешаци кои поминале коловоз на црвено светло. Затекнати биле 107 непрописно паркирани возила.