Паркинзите и тротоартите претворени во авто-пазар

Нова и невообичаена узурпација се случува на паркинзи пред станбени згради, каде што приватни лица си паркираат по пет или десет половни возила и си ги продаваат од пред зграда. Додека тие си тераат бизнис на диво и узурпираат јавен простор, претворајќи го во плац за продажба, нивните соседи немаат слободен паркинг-простор за автомобилите таму каде што живеат. Поради ваквите диви продавачи, граѓаните мора своите возила да ги оставаат многу подалеку од местото на живеење. И додека нивниот сосед си царува со бесплатното паркиралиште, тие секојдневно се нервираат и не знаат каде да го пријават проблемот, од кого да побараат помош и како да си го добијат назад местото за паркирање што им припаѓа по сите правила на живеење во една станбена зграда, пишува Нова Македонија.

За ваков пример зборуваат станари на зграда во општината Бутел, но и во општината Аеродром. Тие не знаат како да го решат ваквиот проблем, дали поединечно да реагираат во општината, во полицијата или, пак, тоа да го направат преку своите заедници на станари. Кому да му се пожалат за тоа дека на нивниот паркинг пред зграда соседот си направил плац за продажба на автомобили. Едните ги продава, а потоа веднаш носи други возила и паркиралиштето е секогаш полно и со автомобили и со негови муштерии, се жалат овие скопјани. Оваа нова појава е непозната и за општините и можеби токму затоа за проблемот од Бутел и од Аеродром имаме сосема различни одговори, како да постапат станарите што имаат ваква мака. Нема помош ниту од полицијата, доколку возилата не се пречка за сообраќајот. 

Од општината Бутел велат дека граѓаните може да се обратат во општината, да поднесат барање со јасно образложение на проблемот, а потоа надлежните од општината во соработка со полицијата да побараат решавање на проблемот на станарите.

– Барање со јасно образложение на проблемот да поднесат станарите што имаат ваков проблем, но, секако, не треба да станува збор за лажна дојава. Полиција ќе ја повика општината за да се најде решение на проблемот – објаснува Снежана Клинчарова, портпаролка во општината Бутел.

Од општината Аеродром, пак, нудат други опции, како решение на проблемот, по кој може да постапат не само полицијата туку и одредени инспекции и пајак-службата.
– Жителите што се соочуваат со ваков проблем, треба да пријават во трудова и пазарна инспекција, МВР и пајак-службата. Општината може да изврши увид само доколку има заграден простор со столпчиња, жардиниери и слично – кратко одговараат од општината Аеродром.

Прашавме како ќе се вклучи и ќе помогне во решавањето на проблемот полицијата и дали пред сѐ граѓаните може да побараат помош од неа, како би постапило МВР во сузбивањето на оваа појава на продажба на диво на половни увезени автомобили. Но оттаму не можеа да дефинираат ништо повеќе од тоа дека можат да реагираат само доколку возилата ги попречуваат преостанатите учесници во сообраќајот
– Јавно паркиралиште е посебно уреден и обележан простор наменет за паркирање определен вид возила. Јавните паркиралишта може да бидат надвор од површините опфатени со патиштата и улиците или на самите патишта и улици, односно паркинг-местата се означени. На дел од паркиралиштата наменета е исклучиво за паркирање едно возило. Ние може да реагираме само во случаи кога има прекршувања – кратко одговараат од МВР.

Ако општините и полицијата не можат да помогнат, тогаш како би кренал пајак автомобили што се на паркинг уредно паркирани. Очигледно дека на станарите ќе им биде потребна силна доказна постапка за она што им се случува за да можат да изреагираат барем инспекциските служби.