„Park & Ride“ наскоро и во Скопје

Градот Скопје се подготвува за реализација на проектот „Паркирај и вози“ во главниот град, со кој би се овозможило растеретување на сообраќајниот метеж во централното градско подрачје.

Со овој проект нема да им се забрани на возилата од другите македонски градови да влезат во Скопје, туку ќе им се овозможи бесплатен паркинг на влезовите во Скопје. Оставајќи го своето возило на сигурна локација, граѓаните ќе можат да патуваат до посакуваната дестинација во Скопје со јавниот превоз (автобус, велосипед или воз).

„Овој систем на „Паркирај и вози“ (park & ride) го има во сите поголеми метрополи и станува збор за успешен модел кој што дава одлични резултати“ велат од Град Скопје. Предностите на овој проект се многубројни. Проценките говорат дека секој ден во Скопје влегуваат десетици илјади возила од другите македонски градови, со што значително се зголемува сообраќајниот метеж. Новиот проект би ја намалил фреквенцијата на возила во централните скопски општини, со што би се намалило и загадувањето на воздухот како последица на транспортот.

Воедно, со новиот проект „Паркирај и вози“ ќе се овозможи загарантирано бесплатно место за возилата, така што ќе се намали опасноста за непрописно паркирање и казни од полицијата во централните скопски општини. Граѓаните кои би ги користеле овие паркинзи на периферијата на Скопје би го избегнале и сообраќајниот метеж во самиот град, така што со јавниот превоз би пристигнале побрзо до посакуваната дестинација. Истовремено, билетот за јавен превоз би ги чинел поевтино од паркирањето во центарот на Скопје, каде што цените за оваа услуга достигнуваат и до 100 денари за еден час паркирање.

Градските власти во моментов разгледуваат неколку локации во општините Гази Баба и Ѓорче Петров за реализација на проектот „Паркирај и вози“. Градоначалникот Петре Шилегов денеска повтори дека на овој проект треба да се гледа како на нова можност за граѓаните, но не и на нивно ограничување за употребата на моторни возила во Скопје.

Во соработка со Build.mk