Париз нуди помош за воведување трамвајски превоз во Скопје

Властите на Париз нудат помош во изработка на идните планови и стратегии за можноста за воведување на трамвајски превоз во Скопје, за разрешување на проблемот со паркирањето, како и за системи за споделување велосипед и возила (bike-share и car-share).

Овие идеи на скопскиот градоначалник Петре Шилегов во Париз му ги пренесе заменик-градоначалникот на француската метропола, Кристоф Најдовски, кој е задолжен за јавниот сообраќај во градот.

Како што извести прес-службата на Град Скопје, Шилегов во Парис слушнал за развојните визии на новата градска администрација и искуствата кои главниот град на Франција може да му ги пренесе на Скопје.

Шилегов во рамките на официјалната посета на Париз имаше средби со француски стопанственици, а имаше и состанок во Директоратот за Континентална Европа при француското МНР.

– Во Директоратот за Континентална Европа при француското МНР, Шилегов говореше за интензивираната меѓународна активност на Град Скопје и за потребата од зголемена градска дипломатија со главните европски градови, покрај редовната соработка со збратимените. Градоначалникот на Скопје доби признание за неговата активност за затоплувањето на односите со соседите и успешноста на посетата на Атина минатиот месец – соопштија од Град Скопје.

Двете страни се согласија дека соработката мора да се засили и дека Скопје и Македонија треба поактивно да се вклучат во активностите на Меѓународната организација на Франкофонијата. На средбата се разговараше за политички, културни и за образовни проекти на тој план.