Парата на пара иде....Кој ќе ме сака кога немам

-Имам 27 години,завршив Правен факултет, работам во адвокатска канцеларија.Земам 12.000 денари плата.Иако сум млад човек, се доведувам во ситуација да барам позајмица за да го истуркам месецот. Се случува да не можам да излезам со другрите  и да ги следам сите забави бидејќи немам доволно пари.Девојка немам, а тешко е да се најде не би сакал, да се доведам во ситуација да лажам дека имама пари, а кога ќе излезам да не можам да ја почастам, вели Влатко.

Октомвриската просечна нето плата е зголемена и во однос на септември, но прашањето кое се наметнува е дали таа е доволна за просечниот Македонец да ги плати месечните сметки и да ги задоволи своите основни потреби.

-Ние сме тричлено семејство, работам само јас, имам минусно салдо на сите шарени пластики од сите можни банки кои се вртат во круг.Веќе втората недела по добивањето на платата се пребројувам и сфаќам дека месецот не ќе можам да го поминам. Недај боже да ми задоцни платата еден месец, настанува апокалипсата, вели Живко.

Ако се направи една обична пресметка за месечните трошоци, тогаш ќе се види дека за режиски сметки, Македонецот троши околу шест илјади денари, за превоз три илјади денари, а за лична хигиена и одржување на хигиената во домот две илјади денари. За храна и пијалоци му остануваат уште околу 12 илјади денари со кои треба да го помине месецот што е малку со оглед на животниот стандард и постепеното зголемување на цените и услугите.

Најновите податоци што ги има ССМ за синдикалната минимална кошничка покажуваат дека во декември на едно четиричлено семејство му се потребни 13.435 денари за храна и пијалоци, 10.496 денари за домување, 2.289 денари за хигиена и 2.339 денари за превоз. Остануваат 2.160 денари за облека и обувки, 1.070 денари за културни активности и само 683 денари за одржување на здравјето.

Во прилог на ова одат и најновите податоци што ги објави Државниот завод за статистика, според кои трошоците на живот минатата година пораснале за 1,4 проценти во споредба со 2016 година, а цените на мало за 3,2 проценти.

Македонија заостанува од сите држави во поранешна Југославија по исплатена нето плата. Направените истражувања покажуваат дека највисока плата имаат Словенците, додека пред Македонија се сите останати држави од поранешна Југославија. Колку за споредба во Македонија просечната плата е околу 380 евра, а во Словенија месечно во просек се исплатуваат по 1.050 евра. На второ место се Хрватите со речиси 800 евра, Црногорците со околу 500 евра, по што следуваат Босна и Херцеговина со 433 евра и Србија со околу 400 евра.