Парада на моторџии низ Скопје за подигање на свеста за болестите кај мажите

Традиционалниот настан „Distinguished Gentleman’s Ride“ беше успешно организиран во Скопје, и со тоа се покажа дека префинетоста и хуманоста им „лежат“ на жителите на градот. На овој настан, кој паралелно се одвиваше на целата планета, учествуваа повеќе од 70.000 мотоциклисти во 600 града.

Настанот се одржува со цел да се подигнат гласот и свеста за болестите кај мажите, првенствено за рак на простатата, како и свеста за менталните заболувања. За таа цел донациите што се донираат од сите учесници во целиот свет, а оваа година достигнаа до 4,4 милиони долари, ќе бидат наменети токму за истражувања и кампањи за овие заболувања.

Скопје кон оваа глобална бројка се вклучи со 120 учесници и се собраа донации од 2.004 долари, со што нашата организација се покажа како една од најуспешните на Балканот и пошироко.

Парадата во главниот град беше со вкупна должина од 23 км и беа опфатени речиси сите булевари и главни улици на Скопје.