Памук, ткаенини и плетена роба на пазарите во старо Скопје

Што сé се продавало во градот во 30-тите години на 20 век може да се види од документите на агентурата “Комисион увоз - извоз” на Алберт Абраванел кој ги нудел следните трговски артикли: алати за секаква индустрија, бело железо, бижутерија, волнено предиво, метални делови, гумени производи, дрогериски производи, копчиња, есенции, игли, јажиња, колонијална стока, прехранбени производи, часовници од сите видови, шарки, штофови итн.

Како дополнување на овој список, може да се наведат и некои посебни артикли од Складиштето и Работилницата на Робер Абелес од Белград чиешто застапништво се наоѓало во Скопје. Спомнатото складиште ги нудело сите видови терпентинско масло, странски восок, смола, хемиски суровини за индустриски потреби, крема за обувки, сапун, кожа, свеќи, столарски производи итн.

Скопските весници придонесувале за унапредување на трговијата и за афирмација на трговците, публикувајќи не само огласи и асортиман, туку и давајќи целосен преглед на увезената и домашната стока. Така, “Скопски гласник”, бр. 169 од 28.08.1931 година ги дава следните податоци за увезениот памук и неговите производи: памук суров и обработен 33.236 кг., памук за чистење - 2.054 кг., памучно предиво едноструко - 780.525 кг. памучно предиво на ситно - 223.782 кг. памучни мазни ткаенини - 176.881 кг. памучно кадифе-сомот - 1.614 кг., памучна плетена и преплетена роба - 8.357 кг. памучна чипка од сите видови - 808 кг., памучни ленти - 262 кг. памучни ткаенини од сите врсти - 12.298 кг., памучни марами - 13.251 кг. памучни теписи - 10.988 кг., памучни завеси во сите бои - 1.513 кг. и друго.

Во  споменатиот период во градот постоела и специјализирана трговија и тоа златарски дуќани, дуќани за детски играчки, дуќани за есенции за правење на бонбони, ликери, парфеми и слично. Освен тоа, имало и голем број јорганџиски работилници, саатчиски, казанџиски и други дуќани. Имало дури и посебен дуќан за ловџии, каде што можело да се набави целокупен ловечки прибор и опрема (дуќанот на Трајко Х. Николиќ и дуќанот на Андреја Тодоровиќ).

Најголем број од  скопските дуќани биле со мешовита стока. Се тргувало на големо и мало, со странска и домашна стока, се плаќало во готово, на кредит или се земало на вересија.

Во градот голем број трговци се занимавале со увоз - извоз на првокласна стока од познатите светски фабрики.   Скопските трговци со машка модерна галантерија, браќата Славко и Панче Крстеви, секоја година го зголемувале својот трговски биланс. Овие трговци тргувале со Љубљана, Вараждин, Суботица, Марибор, Нови Сад, Крањ, Загреб, Белград, а исто така и со Виена,  Лондон, Софија итн.

Во 30-тите години на 20 век во Скопје била мошне позната трговската фирма на Браќата Куртовски коишто тргувале со памучно предиво, кафе, ориз, црвена пиперка, к'на, ќеси од хартија, гајтани, копчиња, чаши за вода, мониста, локум, бонбони, бисквити, алва, чај, шишиња за ламби, сапун, боја за волна, ножеви, маја за сирење, огледала, цедила за млеко, балсам, свеќи и друго.

Со унапредувањето на фирмата, трговските врски на браќата Куртовски станувале сé појаки. Тие воделе Агенција (или дел од неа) за транспортирање на турските иселеници од Скопје до Истанбул. Чистата заработувачка на фирмата со провизија изнесувала над 3.000 динари. Подоцна овие трговци ја покривале Македонија и нивниот капитал се зголемувал.

Во натамошниот живот во Скопје сé до Втората светска војна се тргувало со сé и сешто, но се прифаќало најдоброто, најубавото, најмодерното и најквалитетното.

Многубројни занаетчии, трговци, продавачи и слично, секогаш биле на располагање на жителите на Скопје и им нуделе безброј услуги.