Пакети со основни животни намирници за социјално загрозени семејства од Општина Центар

Вкупно 150 пакети со основни животни намирници им подели денеска градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќм и општинската администрација на семејства со висок социјален ризик кои живеат на територијата на општината. Пакетите се состојат од храна и средства за лична хигиена, а акцијата се спроведе пред управната зграда на ЈП ПОЦ, информираат од општината.

Акцијата, која има за цел помош и поддршка на социјално загрозени семејства, веќе трет месец се спроведува во рамки на проектот „НулаГлад“ што општината го реализира во соработка со невладината организација „Банка за Храна“. Проектот продолжува да се реализира секој месец со поддршка од маркетите: Рамстор, Кам, Веро, Тинекс, Жито Маркети, Стокомак, Гранап и Кит Го кои редовно ги обезбедуваат потребните намирници.

На почетокот на проектот, Богдановиќ ги потенцира загрижувачките податоци за семејства кои го минуваат денот со само еден оброк и испрати апел и до другите компании, институции и граѓани да бидат општествено одговорни и да се приклучат кон акцијата, со цел колку што е можно повеќе да им го олеснат животот на социјално загрозените семејства.

Организацијата „Банка за храна“ – Македонија е непрофитна, добротворна, хуманитарна организација чија главна дејност е собирање на прехранбени продукти и други основни животни намирници, нивно складирање, сортирање и дистрибуција до сиромашните и социјално загрозените категории со посредство на хуманитарните организации, социјалните установи и институции што исто така помагаат и се вклучени во борбата против сиромаштијата и гладта, се наведува во соопштението од општина Центар.