„Па и да ни заврне чадор имаме...“ Општина Аеродром го прослави роденденот

И покрај дождот, вчеравечер стотици граѓани се собраа во паркот „Авион“ за да го прослават 14-тиот роденден на Општина Аеродром, со концерт на групите „Нокаут“ и „Прљаво казалиште“. Тие со своите незаборавни хитови направија прекрасна атмосфера под отворено небо.

„Ова е втора година по ред откако Општината почна да го слави роденденот на отворено со голема журка и целодневна забава за сите генерации. Така, попладнето илјадници граѓани уживаа во настапите на дечињата од градинките и училиштата од Општина Аеродром, како и на клубот „Аква денс“ и „Златните славејчиња“.

 

Во исто време, дел од учениците од основните училишта во Аеродром со своите училишни спортски клубови одржаа ревијални натпревари во кошарка, мал фудбал, бадмингтон и одбојка. Исто така, своите вештини ги покажаа и скејтерите од Општина Аеродром.“, стои во соопштението на Општина Аеродром.

Целата забава имаше хуманитарен предзнак, а граѓаните уште еднаш како и многупати досега ја покажаа својата човечност. Општина Аеродром им се заблагодарува на сите компании што ја помогнаа организацијата на овој настан и што донираа за социјално ранливите категории граѓани, покажувајќи голема општествена одговорност.